Фото: Принтскрин

Иницијатива на Светската здравствена организација (СЗО)

Светската здравствена организација (СЗО) деновиве обелодени дека ќе бара зголемување на цените на алкохолот, тутунот и безалкохолните пијалаци за 50 проценти. Во нивната изјава се наведува дека ова ќе помогне да се намали потрошувачката на овие производи, кои придонесуваат за болести како што се дијабетесот и некои видови рак, и ќе се соберат пари во време кога помошта за развој се намалува, а јавниот долг расте.
– Даноците за здравје се едни од најефикасните алатки што ги имаме – рече Џереми Фарар, помошник-генерален директор на СЗО за промоција на здравјето и превенција и контрола на болести.
– Време е да се дејствува – додаде тој.
СЗО ја започна иницијативата наречена „3 до 35“, на конференцијата на ОН за финансирање на развојот во Севилја. Иницијативата би можела да собере еден трилион долари до 2035 година.

Речиси 140 земји веќе ги зголемија даноците за тутун

СЗО со децении ги поддржува даноците за тутун и зголемувањето на цените, а во последниве години повикува на даноци за алкохолот и безалкохолните пијалаци, но ова е првпат да предложи специфични зголемувања на цените за сите три производи.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на конференција изјави дека даноците би можеле да им помогнат на владите „да се приспособат на новата реалност“ и да ги зајакнат своите здравствени системи со зголемени приходи. Речиси 140 земји веќе ги зголемија даноците и цените на тутунот за просечно повеќе од 50 проценти помеѓу 2012 и 2022 година, соопшти СЗО.
СЗО, исто така, разгледува и други даночни препораки, вклучително и оние за ултрапреработена храна, и во наредните месеци ја финализира дефиницијата за оваа храна. Иницијативата е поддржана од „Блумберг филантропис“, Светската банка (СБ) и ОЕЦД и вклучува поддршка за земјите што сакаат да преземат акција. Р.С.