Цените на нафтата на светските берзи пораснаа минатата недела бидејќи ОПЕК може да го намали производството за да ја балансира понудата и побарувачката. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 4,4 отсто, на 100,99 долари.
На цените влијаеа пораките од Саудиска Арабија дека водечките производители би можеле да ја намалат понудата за да го балансираат пазарот и да го неутрализираат враќањето на пазарот на иранска нафта во случај на нуклеарен договор. И некои други производители на ОПЕК, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, го поддржуваат размислувањето на Ријад за нафтените пазари.
-Се наметнува впечаток дека Саудиска Арабија не е подготвена да толерира пад на цената на нафтата под 90 долари. Шпекулантите би можеле да го протолкуваат ова како покана да се обложуваат на натамошен раст на цената и да не мора да се плашат од нов голем пад на цените – пишуваат аналитичарите на Комерцбанка во нивниот преглед на состојбите на пазарите.
Влијание на цените има и падот на залихите на сурова нафта и деривати во САД минатата недела.
Од друга страна, со договор во преговорите за иранската нуклеарна програма може да се отвори вратата за враќање на пазарот на санкционираната иранска нафта, што би значело зголемување на понудата.
Поради екстремно високата инфлација, централните банки на западните земји со месеци ги зголемуваат каматните стапки, што ќе го забави растот на економиите, а со тоа и побарувачката на енергетски производи.