Со ескалацијата на војната на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец, голем дел од глобалното снабдување со енергија сега е во опасност – рече унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, за време на неговите повици за укинување на забраната за руска енергија во Европската Унија, пренесе „Агенција Анадолу“
Земјите од Западен Балкан можат да донесат нова динамика и енергија во Европската Унија, оцени унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Говорејќи на форум посветен на Балканот, Сијарто изјави дека Унијата во изминатиот период го изгубила дел од своето глобално влијание поради, како што рече, „премногу идеолошки обоена политика“ што се води во Брисел.
Тој посочи дека токму регионот на Западен Балкан може да придонесе за нов импулс и поголема динамика во европските интеграции.
Осврнувајќи се на енергетските прашања, Сијарто им се заблагодари на Србија, Бугарија и Турција за, како што рече, сигурната транзитна соработка во снабдувањето со природен гас.
Според него, Европа мора да обезбеди дополнителни извори на енергија за да гарантира стабилно снабдување.
-За Европа да има доволно енергенси, руските испораки треба повторно да се вратат на европскиот пазар – изјави Сијарто.
Говорејќи за иднината на Унијата, унгарскиот министер нагласи дека Унгарија поддржува модел на интеграција заснован на суверени национални држави, наместо создавање на, како што рече, „Соединети Европски Држави“.
Тој предупреди дека евентуалното укинување на правото на вето во рамките на ЕУ би значело откажување од дел од националниот суверенитет на земјите членки.
































