Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека верува оти Вашингтон ќе ја „потурне Русија кон мир“, кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Киев е „во позиција“ да ја поврати целата своја територија што ја изгуби од Москва.
– Благодарен сум за овој состанок и очекуваме дека американските акции ќе ја турнат Русија кон мир. Москва се плаши од Америка и секогаш ѝ обрнува внимание – рече украинскиот претседател во Советот за безбедност на ОН.
Трамп претходно напиша на својата социјална мрежа Truth Social дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја освоила од почетокот на инвазијата.
– Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, оригиналните граници од почетокот на војната се многу добра опција – рече Трамп кратко по состанокот со својот украински колега.
Русија контролира приближно една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим на Црното Море, нелегално анектиран во 2014 година.
Зеленски изјави дека ако Кина сака, може да ја принуди Русија да ја заврши војната во Украина.
– Без Кина, Русија на Путин е ништо. Сепак, Кина премногу често молчи и се држи настрана наместо да дејствува за мир – заклучи украинскиот лидер.