Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека утре ќе отпатува во Турција за да ги обнови разговорите за ставање крај на војната во Украина, која трае повеќе од три и пол години.

Тој ќе отпатува во Турција по денешната посета на Шпанија.

– Се подготвуваме да ги обновиме преговорите и развивме решенија што ќе им ги понудиме на нашите партнери. За Украина е од огромно значење да се направи сè што е можно за да се стави крај на војната – рече Зеленски за неговите претстојни состаноци во Турција.

Тој додаде дека неговата земја работи и на продолжување на размената на затвореници со Русија.

Кремљ минатиот месец го обвини Киев за нарушување на преговарачкиот процес во Истанбул за можно мирно решавање на конфликтот.

– Процесот е во мирување поради неподготвеноста на режимот во Киев да одговори на каков било начин на прашањата што ги поставивме – изјави тогаш портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Делегации на Москва и Киев се состануваат постојано од мај оваа година на директни разговори во турската метропола Истанбул.

На средбите беа договорени неколку размени на воени заробеници и тела на загинати војници, но Русија одбива да ги повлече своите главни барања, поради што во блиска иднина не е на повидок мировен договор.