Руските сили го уништија градот Бахмут на истокот на Украина, изјави претседателот Володимир Зеленски, а украинската армија тврди дека Русија продолжува со воздушните напади во неколку делови на земјата.
Како што јавуваат странските агенции, битката сè уште е фокусирана на четирите региони претходно анектирани од Русија.
Зеленски рече дека ситуацијата „и натаму е многу тешка“ во неколку градови на фронтот во регионите Донецк и Луганск во источна Украина.
– Бахмут, Соледар, Марјинка, Кремина. Одамна нема повеќе живот на земјата во овие области оштетени од гранати и оган. Окупаторот го уништи Бахмут, уште еден град кој руската армија го претвори во изгорени урнатини – рече Зеленски во своето видео обраќање.
Генералштабот на Украина соопшти дека во текот на ноќта имало околу 20 воздушни и повеќе од 60 ракетни напади низ Украина.
Портпаролот Олександр Штупун рече дека најактивните борби се воделе во областа Бахмут, каде биле погодени повеќе од 20 населени места.