Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека трилатерален состанок со американскиот и рускиот претседател е клучен за постигнување мировен договор со Москва.
Во интервју за Ројтерс, Зеленски посочи дека токму ваква средба може да помогне во решавање на преостанатите прашања околу територијата и безбедносните гаранции за Украина.
Тој предупреди дека Русија смета на намалување на американската поддршка за Киев, особено во случај на застој во преговорите.
Според Зеленски, САД ја условуваат финализацијата на безбедносните гаранции со повлекување на украинските сили од Донбас, што, како што нагласи, би ја загрозило безбедноста на Украина и Европа.
Украинскиот претседател додаде дека остануваат отворени и две клучни прашања – финансирањето на вооружувањето на Украина и реакцијата на сојузниците во случај на нова руска агресија.
Во меѓувреме, најавената нова рунда трилатерални преговори е одложена поради актуелната ситуација на Блискиот Исток.































