Украинскиот претседател Владимир Зеленски во нова видеопорака ноќеска истакна дека нивните преговарачки позиции со Русија во конфликтот сега се многу пореални, пренесе ДПА. Но, сепак, додаде тој, ќе биде потребно време пред Украина да биде задоволна.
– Сите сакаме мир и победа што е можно поскоро – рече претседателот во порака та и додаде дека се „потребни труд и трпение“.
Секоја војна завршува со договор, заклучи Зеленски, додавајќи дека „состаноците ќе продолжат“, додаде германската агенција.
Украинските и руските преговарачи претходните два дена имаа состаноци преку видео-конференциска врска. ДПА потсетува дека советникот на украинскиот претседател, Михаило Подолјак, вчеравечер изјави дека разговорите ќе продолжат и денеска.
Украина бара прекин на војната, повлекување на руските војници и безбедносни гаранции. Москва, меѓу другото, бара Киев да го признае анектираниот црноморски полуостров Крим како руски, а сепаратистичките области на истокот на Украина како независни држави.
Зеленски вети дека „руската агресивна војна ќе заврши со срам, сиромаштија и долгогодишна изолација за Русија“.
Киев тврди дека руската страна досега изгубила 40 отсто од воените капацитети ангажирани во Украина
Од почетокот на конфликтот руските вооружени сили досега имаат претрпено загуби до 40 отсто од ангажираната техника и луѓе во Украина, тврди Генералштабот на украинската армија.
Во денешниот дневен билтен украинската страна соопштува дека дури 40 проценти од руските окупациски сили се или целосно уништени или исфрлени од борбена способност.
И натаму како најкритична се посочува областа околу Мариопол, каде руските сили имаат големи загуби во обидите да го блокира пристанишниот град од западна и источна страна, тврди Киев.
Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, изјави дека во текот на вчерашниот ден околу 20 илјади луѓе успеале да се евакуираат од Мариопол, додека колоната со помош за градот се уште е блокирана од руска страна.
Во областа околу Одеса руски воени бродови вршеле гранатирање на брегот на Црното море, без обиди за десант, соопшти Антон Херашченко, советник во украинското МВР.
Во текот на денешниот ден треба да продолжат преговорите на украинските и руските претставници. За барањата на руската страна Зеленски рече дека тие сега стануваат пореални, но предупреди дека ќе биде потребно уште некое време пред Украина да биде задоволна од понуденото.
Премиерите на Полска, Чешка на Словенија вчера беа во Киев за на украинскиот претседател да му ја покажат својата солидарност и поддршка кон Украина.