Фото: Фејсбук/ Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на посилна воена поддршка од западните земји, предупредувајќи дека ако Украина не може да ја победи Русија, конфликтот ќе ескалира во Трета светска војна.

Зеленски за германските медиуми изјави дека канцеларот Олаф Шолц подобро ја разбрал вистинската природа на заканата по нивниот состанок во Берлин минатата година и оти Берлин почнал да ја зголемува воената поддршка.

– Мојот впечаток е дека канцеларот Шолц сфати декарускиот претседател Владимир Путин не е само име, туку закана, и тоа не само закана за Украина – рече Зеленски во интервју за јавната телевизија АРД.

Тој додаде дека смета оти Шолц чувствува дека ако Украина не издржи, Русија ќе се приближи, што сугерира дека европските и балтичките земји би можеле да бидат следната цел на Русија по Украина.

– Канцеларот Шолц разбира дека постои таков ризик, а тоа е дефинитивно трета светска војна. Ако Русија ја погоди оваа или онаа земја на НАТО, тоа во секој случај би значело почеток на Трета светска војна – рече украинскиот претседател.

Зеленски го повтори повикот до западните земји да ја зголемат поддршката за Украина и рече дека очекува Германија да игра водечка улога во Европа во однос на воената поддршка за неговата земја.