Фото: Официјален инстаграм профил на Волдимир Зеленски

За помалку од една година украинскиот претседател Володимир Зеленски по трет пат го смени командантот на клучната украинска воена формација одговорна за одбраната на Покровск, стратешки центар во регионот Доњецк, на кој му се заканува пад под контрола на московските сили, пишува „Ројтерс’.

Зеленски, во своето ноќно видео обраќање, рече дека го назначил новиот командант на украинските копнени сили, генерал-мајор Михаило Драпати, на чело на оперативно-стратешката група „Хортиција“, чија зона на одговорност покрива поголем дел од источниот фронт на Украина.

 – Таму се водат најтешките битки – рече Зеленски, додавајќи дека за промените разговарал со врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски.

Како што забележува „Ројтерс“, падот на Покровск ќе ги доближи руските сили до заземање на целиот регион Доњецк.

Зеленски додаде дека назначувањето на Драпати ќе помогне да се комбинира борбената работа на армијата со соодветна обука на бригадите.

 – Потребите на линијата на фронтот треба да ги одредат стандардите за екипирање и обука на бригадите – рече Зеленски.

Драпати ќе го замени генерал-мајор Андриј Хнатов, кој е на чело на Хортиција од јуни, а кој ќе стане заменик-началник на Генералштабот, раководејќи ја обуката и комуникациите.

Руските сили континуирано напредуваат во регионот Доњецк во источна Украина кон Покровск, обидувајќи се да ги пресечат патиштата за снабдување на украинските војници.

Покровск, кој имаше предвоено население од околу 60.000, е едно од главните одбранбени упоришта на Украина во регионот Доњецк и жариште на жестоки борби со месеци.