Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа ги замоли претставниците од околу 50 нации да ја задржат својата воена поддршка за Украина, велејќи дека „би било лудо сега да се испушти топката“, објавија светските медиуми.
– Јасно е дека новото поглавје започнува за Европа и за целиот свет за само 11 дена од сега, во време кога треба да соработуваме уште повеќе, уште повеќе да се потпираме еден на друг и заедно да постигнеме уште поголеми резултати. Изминавме толку долг пат што искрено би било лудо да ја фрлиме топката сега и да не продолжиме да ги градиме одбранбените коалиции што ги создадовме – рече Зеленски, мислејќи на инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, на 20 јануари, пренесе „Њујорк тајмс“.
Зеленски ова го коментираше на 25-тиот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, која понуди финансиска помош, оружје, муниција и друг воен хардвер на Украина за употреба против руските и севернокорејските сили.
Украинската национална новинска агенција „Укринформ“ објави дека Зеленски по средбата изјавил дека западните сојузници ветиле дополнителна воена помош „вредна две милијарди долари, наменета за украинската воздушната одбрана, за засилување на информатичката технологија, чистењето мини, морнарицата, воздухопловните сили и за артилеријата“.