Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека не му се потребни посредници во комуникацијата со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Зеленски на состанокот на Конгресот на локалните и регионалните власти изјави дека директно комуницира со Трамп и оти со него имал неколку состаноци и разговори.
– На Киев ми се потребни директни односи со Вашингтон, а не посредници како што е (унгарскиот премиер Виктор) Орбан. Ние сме силна земја, тоа го покажавме на бојното поле во текот на целата агресија на Путин. Има ли некој во Европа таков модерен пример? Нема. Дали Орбан има таква армија? – наведе Зеленски.
Тој додаде дека во моментот работи со тимот на Трамп и истакна дека е оптимист оти новата американска администрација ќе ја поддржи Украина и нема да биде стопирана помошта.
Орбан на 11 декември имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин за унгарскиот предлог за прекин на конфликтот во Украина за време на божиќните празници и за голема размена на воени заробеници. Будимпешта подоцна објави дека руската страна начелно го прифатила тој предлог, но оти Киев не дозволил телефонски разговор помеѓу Орбан и Зеленски за предлог.