Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Претседателот на Украина Влaдимир Зеленски изјави дека најновите ракетни напади во Киев се најдобар доказ дека Украинците не можат да ја спуштат својата стража и дека мора да продолжат да се борат.

Во своето ноќно обраќање, Зеленски рече дека проектилите полетале во главниот град веднаш по разговорите со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

– Руските ракетни напади врз Украина, Киев, Фастив, Одеса и други градови уште еднаш докажаа дека не можеме да го спуштиме гардот. Не можеме да мислиме дека војната е завршена. Допрва треба да се бориме и да ги истераме окупаторите – рече Зеленски.

Тој му соопшти на украинскиот народ дека САД и претседателот Џо Бајден подготвиле нов пакет поддршка за Украина во вредност од 33 милијарди долари.

– Поточно, за одбрана може да се издвојат повеќе од 20 милијарди. Планирани се повеќе од осум милијарди за поддршка на економијата, додека уште три ќе бидат одвоени за хуманитарна помош. Ова е многу важен чекор за САД. И јас сум благодарен на американскиот народ и особено на претседателот Бајден за тоа. Се надевам дека Конгресот брзо ќе го поддржи ова барање за помош на нашата земја – истакна украинскиот претседател.


Гутереш: Нуклеарната војна е незамислива

Нуклеарната војна е незамислива, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во Киев, зборувајќи за можна трета светска војна.

Тој вчера за „Би-би-си“ изјави дека „мора да направат се што е можно за да го спречат тоа“.

Гутереш порача дека ОН нема да се откажат и дека сакаат мир во Украина „во согласност со повелбата на Обединетите нации“.

– На Украина и треба помош и ја заслужува нашата целосна посветеност и целосна поддршка – рече генералниот секретар на ОН по средбата со украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Гутереш повика и на отворање коридор за евакуација од украинскиот град Мариупол, велејќи дека градот е под опсада и „во криза“.

– На илјадници цивили им е потребна помош за да си ги спасат животите. На многу постари луѓе им е потребна медицинска нега или нивната подвижност е ограничена, им треба начин да избегаат од апокалипсата – додаде тој.

Генералниот секретар вчера се сретна со претседателот на Украина и министерот за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, по посетата на Москва, каде што се сретна со претседателот на Русија, Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров.