Володимир Зеленски / Фото: ЕПА

Унгарската влада му изрече тригодишна забрана за влез во шенген-зоната на шефот на украинските сили за дронови Роберт Бровди по нападот врз руски нафтовод кон Унгарија, што предизвика бес кај украинскиот претседател Володимир Зеленски – пренесе ДПА.

– Неодамнешниот тежок воздушен напад врз нафтоводот Дружба беше напад врз суверенитетот на Унгарија – рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во изјава објавена од државната новинска агенција МТИ.

Украинската војска соопшти дека пред една и пол недела ја нападнала пумпната станица Николское во рускиот регион Тамбов, предизвикувајќи значителна штета на објектот.

За разлика од другите земји на ЕУ, Унгарија и Словачка не ја прекинаа својата зависност од Русија за увоз на нафта и гас и сè уште добиваат нафта преку нафтоводот Дружба.

Санкциите наметнати од Европската унија против Москва не се однесуваат на природниот гас или нафтата што се транспортираат преку нафтоводи.

– Украина е свесна дека нафтоводот Дружба е незаменлив за енергетската безбедност на Унгарија – рече Сијарто, додавајќи дека последниот напад бил толку сериозен што Унгарија речиси морала да прибегне кон своите стратешки резерви за време на долгите поправки.

Унгарски извори соопштија дека снабдувањето преку нафтоводот било обновено дури денеска.

Бровди беше назначен за командант на украинските сили за дронови на почетокот на јуни. Офицерот потекнува од унгарското малцинство во Украина и го избра военото име „Маѓар“ (Унгарец).

Пред неговото назначување, се прослави како основач и командант на единицата за дронови „Птиците на Маѓар“.

– Забраната за влез на Бровди важи за целата шенген-зона без визи – рече Сијарто.

Како одговор, Зеленски ја нарече мерката „уште еден обид на унгарските функционери да го прикажат црното како бело и да ја префрлат вината за тековната војна на Украина“, истакнувајќи дека таа доаѓа по силниот руски напад на Киев во средата навечер.

– Унгарските функционери отидоа дотаму што се обидоа да ги дискриминираат припадниците на унгарската заедница во Украина поради нивното учество во одбраната на нашата држава и нашиот народ – напиша Зеленски на „Икс“.

– Ако Унгарија навистина го затвори влезот во Унгарија и целата шенген-зона за еден од воените команданти на Украина, кој е етнички Унгарец и државјанин на Украина, тоа може да предизвика само бес – додаде тој.

Украина постојано напаѓа цели на руска територија како дел од нејзината одбрана од инвазијата на Москва во целосен обем.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан води политика која во голема мера е пријателска кон Кремљ, обвинувајќи ја Украина дека не сака да постигне мир. Тој, исто така, го обвинува Киев за угнетување на унгарското малцинство во Украина, кое брои неколку десетици илјади луѓе.