Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ноќеска ја обвини Русија дека води енергетска војна и повика на поголемо единство во Европа.
-Деновиве Русија се обидува уште повеќе да го зголеми енергетскиот притисок врз Европа. Испораката на гас преку „Северен поток“ е целосно прекината. Русија сака да го уништи нормалниот живот на секој Европеец – во сите земји на нашиот континент, рече Зеленски синоќа во својата редовна дневна видео порака.
Според него, целта на Русија е, како што рече, да се ослабат и заплашат државите во Европа.
-Освен тенкови и ракети, Русија ја користи и енергијата како оружје. Оваа зима Русија подготвува „решавачки удар“ во енергетскиот сектор. Само поголема кохезија ќе помогне во борбата против тоа, кажа украинскиот претседател. Европејците мора подобро да ги координираат своите контрамерки и да си помагаат повеќе. Покрај тоа, притисокот врз Русија мора да се зголеми за да се ограничат руските приходи од продажбата на нафта и гас – додаде Зеленски во синоќешната порака.
Време е руската војска да бега, ако сака да преживее, порача Зеленски пред украинската офанзива
Обвинувањата од Зеленски следуваат откако руската енергетска компанија „Газпром“ вчераутро не ги врати испораките на гас за Германија од „Северен тек 1“, спротивно на претходните планови. „Газпром“ го оправда својот потег со наводно истекување нафта во компресорската станица „Портоваја“ во близина на Санкт Петербург.
Во видео пораката Зеленски, исто така, ја осуди и повредата на неколку деца на изложбата на оружје во Чернихив. Тој го опиша инцидентот како „неприфатлив“ и вети дека одговорните за оваа небрежност ќе бидат казнети.