Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му се заблагодари на американскиот претседател Џозеф Бајден и на двете партии во американскиот Конгрес, откако беше објавено дека САД ќе испратат воена помош на Киев во вредност од речиси осум милијарди долари и ќе воведат нови санкции против Русија.
– Во име на украинскиот народ и нашите храбри воини на фронтот, му благодарам на нашиот најблизок сојузник, Соединетите Американски Држави, што најде начин да ја отстапат преостанатата безбедносна помош во Украина и да обезбедат претседателските овластувања да траат до крајот на фискалната година во САД – напиша Зеленски на мрежата Икс.
Тој посочи дека Киев ќе ја искористи новата американска помош за на најефикасен начин да ги постигне главните цели, односно победата на Украина, праведен и траен мир, како и трансатлантска безбедност.
– Благодарен сум на САД што ги обезбедија најкритичните потребни работи за заштита на нашиот народ, дополнителна батерија за системот за противвоздушна одбрана Патриот, како и други системи за пресретнување на воздушната одбрана, беспилотни летала, ракети со долг дострел и муниција за системите воздух-земја, и средства за зајакнување на одбранбената индустриска база на Украина – напиша Зеленски.
Украинскиот претседател особено ја нагласи одлуката за проширување на програмите за обука на повеќе пилоти за летање со авиони Ф-16, како и новите санкции кои се воведени за „дополнително да се ограничи способноста на Русија да ја финансира агресијата против Украина“.