: Урнете го ѕидот меѓу слободата и недостигот на слобода во Европа
Повикувајќи се на падот на Берлинскиот ѕид, украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да го урне ѕидот меѓу мирот и судирите во Европа и да ја запре војната во Украина.
За време на видеообраќањето во германскиот Парламент, Зеленски упати остри критики до западните лидери. Тој рече дека додека руските сили трупале војска на украинската граница пред инвазијата, западните лидери дејствувале премногу бавно и не отишле доволно далеку за да ја одвратат Русија од планот за напад на Украина.
Зеленски упати критики и за неподготвеноста Украина да биде примена во НАТО.
– Нема место за нас на оваа маса – констатираше украинскиот претседател. Тој го повика Берлин да ја поддржи кандидатурата на Украина да стане членка на Европската Унија.
Зеленски, исто така, го критикуваше Берлин за одложувањето на откажувањето на Северен тек 2, контроверзниот гасовод што води од Русија до Германија. Тој рече дека повеќекратните украински апели за откажување од проектот во пресрет на руската инвазија биле пречекувани со одговор: „економија, економија, економија“.
– Сè за што бевте загрижени, беше економијата – обвини Зеленски.
Германија претходно беше критикувана дека бавно усвојува поостри мерки против Русија, иако оттогаш се откажа од плановите за гасоводот Северен тек 2 – огромен потег што ќе и наштети на германската економија.
– Сега постои „ѕид“ во Европа меѓу слободата и недостигот на слобода – рече тој.
– Сè уште сте заглавени зад ѕид – рече Зеленски додека правеше споредба од Студената војна. Но, овој најнов ѕид беше „многу посилен“ и ги спречуваше другите Европејци да ги видат страдањата во Украина, рече тој.
Реферирајќи се на апелот на поранешниот американски претседател Роналд Реган до Михаил Горбачов, последниот советски лидер, да го урне Берлинскиот ѕид, Зеленски рече пред германските пратеници: „Тоа ви го велам драг канцеларе Шолц: уништете го овој ѕид“.
Украинскиот претседател ја повика Германија да се наметне со лидерска улога и да стави крај на војната.
„Дајте ѝ ја на Германија лидерската улога што ја заработивте за вашите потомци да се гордеат со вас. Поддржете ја слободата, поддржете ја Украина, престанете со оваа војна, помогнете ни да ја запреме оваа војна, додаде Зеленски“.