Украинскиот претседател Владимир Зеленски преку видеообраќање го повика Западот да испрати оружје, истакнувајќи дека е потребно за „да се спасат милиони Украинци, како и милиони Европејци“.
– Слободата мора да биде вооружена подобро од тиранијата – рече украинскиот претседател.
Зеленски наведе голем број потребни специфични оружја, вклучувајќи артилерија од 155 милиметри, системи за лансирање ракети, оклопни возила и борбени возила за пешадија. Тој побара тенкови Т-72 од САД или Германија, и рече дека се потребни повеќе воени авиони.
Украинскиот претседател предупреди дека конфликтот во земјата ќе стане „бескрајно крвопролевање, ширење беда, страдање и уништување“.
– Но, Русија сè уште има капацитет да изврши напад, и тоа не само против Украина. Полска, Молдавија, Романија и балтичките земји ќе станат следните цели доколку падне слободата на Украина – рече Зеленски.
Европската Унија одобри дополнителни 543 милиони долари воена помош за Украина, со што вкупниот износ досега достигна 1,63 милијарди долари помош со цел земјата да се одбрани од руските сили.
Новиот пакет ќе го финансира снабдувањето со опрема и материјали за украинските вооружени сили, што вклучува „лична заштитна опрема, комплети за прва помош и гориво“.
– Додека Русија се подготвува за офанзива во источна Украина, од клучно значење е да продолжиме и да ја зајакнеме нашата воена поддршка за Украина со цел да ја одбраниме нејзината територија и население и да спречиме понатамошно страдање – рече Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика