Европските лидери изразија задоволство од денешните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп пред неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека во голема мера ги споделуваат целите за состанокот в петок – кои започнуваат со постигнување прекин на огнот во Украина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон го пренесоа заедничкиот европски став дека одлуките за Украина не можат да се донесат без Украина, нагласувајќи дека таа мора да биде вклучено во секоја конечна одлука. Тие, исто така, ја поддржаа идејата за можен иден трилатерален самит со Трамп и Путин.
Макрон: Трамп ќе побара прекин на огнот
Макрон изјави дека Трамп ќе побара прекин на огнот од Кремљ за време на неговата средба со Путин.
– Американската волја е да се добие прекин на огнот на крајот од оваа средба – рече Макрон, додавајќи дека „сè што се однесува на Украина мора да се дискутира со Украина“ и дека е за тоа „претседателот Володимир Зеленски целосно да биде вклучен во преговорите меѓу Русија и САД“.
Макрон истакна дека разговорот со Трамп овозможил американскиот претседател да ги изнесе своите намери за средбата на 15 август, а европските лидери да ги објаснат своите очекувања.
– Добро е што Русија и САД разговараат, но важно е Европа да биде слушната кога станува збор за прашања што го засегаат континентот, како што е војната во Украина – нагласи Макрон.
По разговорите, германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека е „многу среќен“ што претседателот Зеленски можел да го посети Берлин и заедно да ја одржат видео-средбата со европските лидери и Трамп. Тој потсети дека на денешен датум, 13 август, пред 64 години започнала изградбата на Берлинскиот ѕид – „симбол на поделбата на Европа“, додавајќи дека „руската инвазија на Украина повторно ја отвори таа поделба“.
Мерц нагласи дека Европа прави сè за да ја постави агендата за претстојниот состанок меѓу Трамп и Путин во Алјаска и изрази надеж за успех на самитот.
– Во Алјаска, безбедносните интереси на Европа и Украина мора да бидат заштитени, изјави тој.
Мерц: САД знаат дека можат да се потпрат на своите европски партнери
Канцеларот додаде дека САД знаат дека можат да се потпрат на своите европски партнери за постигнување мир, и дека „правилната хронологија“ е прво прекин на огнот, а потоа долгорочен мировен договор. – Правно признавање на руската сопственост врз украинска територија не може да се случи, рече Мерц, нагласувајќи дека мора да постојат силни безбедносни гаранции со почитување на украинскиот суверенитет.
Мерц предупреди дека, доколку нема поместување од страна на Русија кон мир, Европа и САД ќе мора да извршат поголем притисок врз Путин.
– Трамп го знае ова и се согласува – рече тој.
Зеленски: Сите светски лидери сакаат мир
Зеленски, пак, му се заблагодари на Мерц и на Германија за воената поддршка, како и на сите партнери – меѓу кои Урсула фон дер Лајен, Марк Руте, Џорџа Мелони и Емануел Макрон – нагласувајќи дека сите лидери од целиот свет сакаат едно – мир во Украина.
– Сè што се однесува на Украина мора да се дискутира со Украина – мора да бидеме дел од разговорот. Трамп нè поддржа денес и САД се подготвени да нè поддржат – рече Зеленски и повика на нови санкции кон Русија ако Кремљ не се согласи на прекин на огнот.
– Путин блeфира, се обидува да притиска по целата фронтовска линија. Русија се преправа дека може да ја окупира цела Украина – тоа не е вистина. Путин не сака мир – сака да ја окупира нашата земја – посочи украинскиот претседател.
Зеленски истакна дека санкциите кон Русија даваат резултат, а за средбата во Алјаска, рече дека се надева оти централната тема ќе биде прекин на огнот. Информираше и дека Трамп му предложил да контактираат по средбата со Путин за да ги разгледаат резултатите и да ги дефинираат идните чекори.
Самитот меѓу Трамп и неговиот руски колега ќе се одржи во заедничката база Елмендорф-Ричардсон во Алјаска, соопшти денеска официјален претставник на Белата куќа.
Руте: Европа и САД се обединети
Европа и САД се „обединети во напорите за ставање крај на оваа ужасна војна“ во Украина, објави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по „одличниот“ разговор денеска со американскиот претседател Доналд Трамп и европските лидери.
„Го ценам лидерството на Трамп и тесната координација со сојузниците. Топката сега е во дворот на Путин“, објави Руте на X, пред средбата на Трамп во Алјаска в петок со рускиот претседател Владимир Путин.
Фон дер Лајен: Европа, САД и НАТО ја зајакнаа заедничката основа за Украина
Шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, го поздрави „многу добриот разговор“ со Доналд Трамп и лидерите на Украина и европските земји, два дена пред средбата на американскиот претседател со рускиот претседател Владимир Путин.
„Денес Европа, САД и НАТО ја зајакнаа заедничката основа за Украина. Ќе останеме во тесна координација. Никој не сака мир повеќе од нас, праведен и траен мир“, објави фон дер Лајен на X.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека сега постои шанса за прекин на огнот во Украина, пред разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
– Три и нешто години трае овој конфликт, не сме стигнале ни блиску… до одржлив начин да го доведеме до прекин на огнот. Сега ја имаме таа шанса, поради работата што ја вложи (американскиот) претседател – рече Стармер на состанокот на европските лидери пред самитот Трамп – Путин во Алјаска, закажан за в петок.
Венс: Трамп ми рече дека има мисија да го врати мирот во Европа
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека денеска американскиот претседател Доналд Трамп му рекол дека има мисија да го врати мирот во Европа.
-Разговарав со него… и тој многу едноставно рече дека нашата администрација ќе има мисија да го врати мирот во Европа – рече Венс во обраќањето пред американските војници во воена база во Англија, а по учеството на виртуелниот состанок на Трамп со европските лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пред средбата на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска в петок.