Самитот на „Букурешкиот формат- Б9“ во Варшава заврши вечерва со декларација која го осудува рускиот напад и војната во Украина, со ветување дека ќе и помогне на Украина онолку долго колку што и е потребно, со обврска за дополнително зајакнување на способноста на НАТО да ги одврати и колективно да ги брани источното крило, но и да се спречи дестабилизација на партнерските земји, како Босна и Херцеговина.
-Усвоена е декларација со која на соодветен јазик се потврдува посветеноста и политиката на одвраќање и одбрана. Сите се согласија дека во случај на каква било закана ќе си помогнат. Декларацијата, исто така, ја осуди руската крвава инвазија врз Украина – изјави Марцин Пшидач, советник за надворешна политика на полскиот претседател, за декларацијата потпишана од претседателите или премиерите на деветте земји членки на „букурешкиот формат“.
Пшидач нагласи дека сите тие ја потпишале острата осуда на Русија и се залагале за европската иднина на Украина.
-Лидерите на земјите од источното крило на НАТО се залагаат за политика на отворени врати на НАТО и дека местото на Украина е во Европа – рече Пшидач.
– Во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право, Украина го користи своето право да се брани од руската агресија со цел да ја врати целосната контрола врз својата територија во меѓународно признатите граници. Ќе продолжиме да и помагаме на Украина се додека е потребно – се наведува во декларацијата од самитот.
Лидерите на земјите од источното крило на НАТО предупредија дека главната и непосредна закана за безбедноста на сојузниците е Русија, па се согласија дополнително да ги зајакнат одвратувачките и одбранбените капацитети на целото источно крило од Балтикот до Црното Море.
Подготвени сме и за блиска соработка и помош на нашите партнери: Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина, кои се најмногу изложени на дестабилизација и штетното влијание на Кремљ“, се наведува во декларацијата.
„Б9“ е регионална иницијатива на Романија и Полска чии претседатели се согласија во Варшава во 2014 година како одговор на руската анексија на Крим да ги координираат позициите за зајакнување на безбедноста на источното крило на НАТО.
Иницијативата беше официјализирана есента 2015 година, кога двете земји потпишаа заедничка декларација во Букурешт за здружување на силите за да се обезбеди посилно присуство на НАТО во регионот.