Фото: Имамоглу / Твитер

Турската опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) го номинираше градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу за претседателски кандидат на изборите во 2028 година, и покрај неговото апсење, соопшти денеска партијата на којашто припаѓа Имамоглу.

ЦХП, главната опозициска сила во Турција, вчера одржа партиски избори за да именува претседателски кандидат.

Имамоглу, главниот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, беше единствениот партиски кандидат.

Градоначалникот вчера беше одведен во затворот Силиври, западно од Истанбул, заедно со неколкумина сообвинети за корупција.

Неодамнешното апсење на Имамоглу предизвика протести во Турција каде беа уапсени неколку стотици луѓе во девет градови.

Поддржувачите на опозицијата изјавија дека протестите ќе продолжат.


Во протестите низ Турција против апсењето на Имамоглу приведени девет новинари

Турските власти приведоа девет новинари кои во текот на ноќта известуваа за протестите во неколку градови против апсењето на градоначалникот Имамоглу, соопшти денеска Синдикатот на турските новинари.

Засега не е јасно зошто се приведени новинарите. Турскиот суд во неделата го затвори градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, главен политички ривал на претседателот Таип Ердоган, до судењето за обвиненија за корупција, потег што ги предизвика најголемите протести во земјата во повеќе од една деценија.

И покрај забраните за улични собири во многу градови, синоќа петта последователна ноќ се одржаа главно мирни антивладини протести.

Главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повикува на протести против одлуката на судот за Имамоглу, која тие ја опишуваат како политизирана и недемократска.

Владата негира дека истрагите се политички мотивирани и вели дека судовите се независни.

Имамоглу ги отфрли обвиненијата со кои се соочува, отфрлајќи ги како „незамисливи обвинувања и клевети“ и повика на протести низ целата земја.

Обраќајќи им се на демонстрантите во истанбулскиот кварт Сарачане пред зградата на општината, лидерот на ЦХП, Озгур Озел, синоќа рече дека ќе продолжат со протестите додека Имамоглу не биде ослободен.

Меѓу приведените новинари е и фотограф од агенцијата Франс прес, соопшти синдикатот на новинарите на Х.