Фото: Пиксабеј

Урфан Шариф (43) осуденик на доживотен затвор поради мачење и убиство на својата ќерка Сара (10) бил нападнат во својата ќелија на Нова година. Казната ја отслужува во Јужен Лондон, а го нападнале двајца затвореници. Затворската полиција го потврди нападот за Дејли Мејл, но соопшти дека не сака да коментира бидејќи истрагата е во тек. Скотланд Јард тврди дека Шариф не претрпел повреди опасни по живот, додека извор за Дејли Мејл изјавил дека Шариф е во критична состојба.

Затворениците со капак од лименка туна го исекле по вратот и лицето и бил лекуван во затвор.

– Имаше среќа да го преживее нападот. Затворската полиција го чува Шариф бидејќи од почеток стравува дека некој може да го нападне поради злосторствата што ги направил. Во затворот се знае за што е тука, а тоа не им се допаѓа на другите затвореници. Тие не можеа да го спречат овој напад. Двајца му направиле заседа – вели изворот.

Шариф е во затвор поради убиството на ќерката Сара, која беше пронајдена мртва во кревет во нејзиниот дом во Вокинг, Англија, на 10 август минатата година, откако Шариф контактирал со полицијата од Пакистан, каде што побегнал по убиството. Им признал дека „премногу ја претепал“. Во целиот случај се вмешани нејзината маќеа Беинаш Батул и вујко Фајсал Малик.

Таткото и маќеата се осудени на доживотен затвор. Судска истрага на телото на Сара за време на обдукцијата утврдила 71 повреда. Надлежните неколку пати имале можност да ја спасат Сара, но социјалните служби не направија ништо.