Иран е еден чекор пред преземање мерки за блокирање на Ормускиот Теснец
Според неформални пресметки, тоа може да доведе до потенцијален скок на цените на горивата за 20-30 oтсто, раст на инфлацијата, раст на цените на храната и длабоко намалена куповна моќ. Најпогодени од евентуална трговска блокада би биле земјите со висок степен на зависност од увоз на нафта и висок удел на фосилни горива во нивните примарни енергетски системи
Иранскиот парламент во неделата го одобри затворањето на Ормускиот Теснец. Но за да биде одлуката конечна и извршна, највисокото тело за безбедност на Иран мора да донесе финална одлука за да се реализира ваквата мерка.
Во воената игра на шаховската табла на Блискиот Исток, Техеран и претходно се закануваше дека „ќе го блокира Ормускиот Теснец“, како одговор на притисокот од Западот. Имено, Ормускиот Теснец е клучна поморска артерија за глобална трговија со нафта.
Според извори од поморската индустрија проследени во медиумите, „комерцијалните бродови веќе почнале да ги избегнуваат иранските води околу теснецот“.
За издвојување е информацијата дека „затворањето на Ормускиот Теснец, за што конечната одлука би ја донело највисокото безбедносно тело на Иран, би ја ограничило трговијата со нафта и би имало влијание врз глобалните цени на нафтата“.
Како потсетување, Ормускиот Теснец (проток) се наоѓа помеѓу Иран и Оман и ги поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапско Море. Протокот (теснецот) е широк 33 километри во најтесната точка, а бродските линии за бродовите се широки само три километри во двата правци.
И земји што не увезуваат нафта од државите од Заливот би биле силно погодени од затворањето на Ормускиот Теснец
Низ Ормускиот Теснец, помеѓу Иран и Оманскиот Залив, поминува околу 20 отсто од светската поморска трговија со нафта и една петтина од трговијата со течен природен гас (LNG).
Според процените на аналитичарите, и земји што не увезуваат нафта од држави во Заливот би биле силно погодени, бидејќи падот на понудата ќе ја крене цената на глобалниот пазар над 100 долари за барел (според некои прогнози и многу повеќе) што би довело до зголемување на инфлацијата, забавување на економскиот раст и нарушени синџири на снабдување. Клучните светски сили веќе одамна направиле длабоки анализи, барајќи одговор на прашањето што би било ако се случи таква трговска блокада.
Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја се меѓу главните увозници на нафтата што поминува низ овој теснец, а малите увозно зависни земји ќе ги почувствуваат последиците од скокот на цените доколку се случи блокада.
Нападите на Израел врз Иран пред десетина дена предизвикаа раст на цената на светските берзи на нафтата брент и се сметаше дека тоа е еден од врвовите, по кои ќе се стабилизираат цените. Но, ако се затвори Ормускиот Теснец, тоа ќе биде влез во опасна економска-финансиска спирала, која го враќа сеќавањето на неколку претходни нафтени кризи што предизвикаа глобална рецесија, а тоа најмногу го почувствуваа малите и увозно зависни земји.
Според неформални пресметки, тоа може да доведе до потенцијален скок на цените на горивата за 20-30 oтсто, раст на инфлацијата, раст на цените на храната и длабоко намалена куповна моќ. Најпогодени од евентуална трговска блокада би биле земјите со висок степен на зависност од увоз на нафта и висок удел на фосилни горива во нивните примарни енергетски системи.
Зошто Ормускиот Теснец е едно од најважните места за светската економија?
Ормускиот Теснец е едно од најчувствителните геополитички места во светот – секое нарушување на неговиот сообраќај може да има непосредно и сериозно влијание врз глобалната економија.
Издвојуваме дека аналитичарите на „Голдман Сакс“ предупредуваат дека затворањето на Ормускиот Теснец би можело да ги подигне цените на нафтата над 100 долари за барел. Според податоците од Меѓународниот монетарен фонд, секое зголемување на цената на нафтата за 10 отсто ја зголемува инфлацијата во развиените земји за околу 0,4 процентни поени.
Иако заканата од затворање е сериозна, многу аналитичари истакнуваат дека тоа би бил „исклучително радикален потег“. Иран со тоа би ризикувал конфликт не само со западните земји туку и со клучните економски партнери, како што е Кина, како и со соседните извозници на нафта – Катар и Обединетите Арапски Емирати – кои исто така зависат од слободниот премин низ теснецот.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, ја повика Кина да изврши притисок врз Иран да не го затвора Ормускиот Теснец по нападот на Вашингтон врз иранските нуклеарни централи. Рубио го упати повикот до Кина во емисијата „Неделни утрински иднини со Марија Бартиромо“ (Sunday Morning Futures with Maria Bartiromo) на Фокс њуз, откако иранската телевизија Прес објави дека иранскиот парламент го одобрил затворањето на Ормускиот Теснец.
– Ја повикувам кинеската влада во Пекинг да ги повика за ова бидејќи тие во голема мера зависат од Ормускиот Теснец за нивната нафта. Ако го сторат тоа, тоа ќе биде уште една ужасна грешка. Тоа е економско самоубиство за нив ако го сторат тоа. И ние задржуваме опции за справување со тоа, но и другите земји треба да го разгледаат тоа. Тоа би им наштетило на економиите на другите земји многу повеќе отколку на нашите – рече Рубио, кој е и советник за национална безбедност.
Тој додаде дека затворањето на теснецот би претставувало огромна ескалација што би барала одговор од САД и другите.
Рубио го предупреди Техеран да не презема одмазда, велејќи дека таквата акција би била „најлошата грешка што некогаш ја направиле“ и додаде дека САД се подготвени да разговараат со Иран. Р.С.