Фото: ЕПА

Засега, западните сојузници разгледуваат „три модели за безбедносни гаранции“ за Украина. Некои аналитичари од САД излегуваат во јавноста со информации дека новоизбраниот американски претседател Трамп размислува за формирање тампон-зона по должината на руско-украинскиот фронт, потенцијално под контрола на европските воени сили

Некои концепти на САД и на ЕУ по завршувањето на воениот судир во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера разговараше во Варшава со полскиот премиер Доналд Туск за распоредување мировни сили во Украина, откога ќе заврши воениот судир меѓу Украина и Русија. Според полскиот весник „Република“, двете земји разговараат за потенцијални мировни сили од 40.000 војници, воен контингент од странски земји. Оваа мисија е дел од предлогот на Франција да бидат распоредени на дефинираните граници на Украина и да обезбеди почитување прекин на огнот. Наводно, за време на неодамнешната средба во Париз со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Макрон укажал на подготвеноста „Европа да преземе значителни предизвици за да ја заштити Украина“.
Според „Украина денес“, токму „Францускиот институт за меѓународни односи“ веќе развива план за оваа мисија во Украина. Во статијата се открива бројката на контингентот од 40.000 војници, организирани во пет бригади. Со една од овие бригади, како што пишува во статијата, би можело да командува и Полска.

Три модели за „западни безбедносни гаранции“ за Украина

Засега, западните сојузници разгледуваат „три модели за безбедносни гаранции“ на Украина.
Првиот е т.н. германски модел. Според тој модел, би ѝ се овозможило на Украина да влезе во НАТО, додека дел од нејзината територија би останал под Русија. Патем споменато, овој план засега се соочува со противење од Вашингтон.
Вториот модел, наречен израелски модел, ќе вклучува континуирани испораки на оружје за Украина, но неговата одржливост е неизвесна поради флуктуирачките буџети во САД и во Европа.
Третиот модел, наречен корејски модел, се заснова на долгогодишно меѓународно мировно присуство што ја одржува демаркациската линија меѓу Јужна и Северна Кореја повеќе од седум децении. Овој модел западните аналитичари го сметаат за најиздржлива основа за безбедносните гаранции на Украина, потенцијално инкорпорирајќи елементи од другите два модела.

Новата администрација на САД има концепт за Украина, ЕУ сѐ уште нема конкретен план

Некои аналитичари од САД излегуваат во јавноста со информации дека новоизбраниот американски претседател Трамп размислува за формирање тампон-зона по должината на руско-украинскиот фронт, потенцијално под контрола на европските воени сили. „Волстрит џурнал“ минатиот месец објави дека советниците на Трамп предлагаат мировен план што ќе ги замрзне борбите по сегашните линии на фронтот, ќе ја принуди Украина да ја повлече својата кандидатура за членство во НАТО на најмалку 20 години и ќе се воспостави надгледувана демилитаризирана зона меѓу двете страни со воени трупи на ЕУ и од Обединетото Кралство.
Камил Гранд, поранешна заменичка на генералниот секретар на НАТО, ја истакна важноста од вклучување што е можно повеќе земји во мировната мисија, дури и ако некои нации учествуваат само симболично. Идејата за распоредување мировници веќе беше дискутирана меѓу Лондон и Париз, бидејќи двете земји се во перманентни размислувања и меѓусебни разговори како да постапат со Украина на долг рок во случај на мировен договор, односно по ставањето крај на војната.
Тековнава недела, украинскиот претседател Володимир Зеленски спомена таков мировен план, и тоа на состанокот со Фридрих Мерц, веројатно следниот канцелар на Германија. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, исто така, се осврна на ова прашање кога минатата недела беше прашана за можна германска улога во мировните сили. Сепак, засега официјалната позиција на Берлин е претпазлива за каков било план за распоредување воен контингент. Имено, демохристијаните, кои најверојатно ќе ја водат владата по изборите во февруари, беа поотворени да ѝ помогнат на Украина, но Мерц на почетокот на овој месец рече дека разговорите за германска мировна мисија во Украина сега се „неодговорни“.
Полска исто така е претпазлива – особено за испраќање војници во Украина за време на борбите. Испраќањето полски војници во Украина „во моментов не доаѓа предвид“, изјави во вторникот министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш. Тој рече дека Макрон ја споменал можноста во февруари, но кога Косињак-Камиш беше во Париз минатиот месец, прашањето не се отвори. Полскиот министер инсистираше на тоа дека НАТО ќе мора да стои зад таков чекор.
– Различни сценарија се на маса. Ќе продолжиме како сојуз. НАТО мора да игра клучна улога овде, а не поединечни земји – порача Косињак-Камиш.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, за време на неодамнешната посета на Киев рече дека војниците од земјите на ЕУ еден ден би можеле да служат во Украина.
– Мислам дека навистина не треба да исклучуваме ништо – истакна Калас. Р.С.


„Орешник“ се остри да му врати на АТАКМС!?

Руското министерство за одбрана соопшти дека ќе преземе „соодветни мерки“ како одговор на ракетниот напад на украинските сили врз воениот аеродром „Таганрог“ што беше извршен завчера со балистички ракети со долг дострел АТАКМС од американско производство. Во нападот врз цели во јужна Русија биле истрелани шест проектили, од кои два биле пресретнати од единиците за воздушна одбрана „Панцир“, додека преостанатите биле неутрализирани со системи за електронско војување, според руското министерство за одбрана.
Фрагменти од проектил паднале на аеродромот „Таганрог“, предизвикувајќи полесни повреди меѓу персоналот. Руското министерство извести за помали оштетувања на два технички објекта, три воени возила и неколку цивилни автомобили паркирани во близината на аеродромот.
Русија нагласи дека овој напад, во кој беше употребено западно оружје, нема да помине без последици, најавувајќи дека „ќе бидат преземени соодветни мерки“. Западните медиуми пренесуваат изјава на неименуван американски претставник, кој тврди дека Русија може да лансира втора суперсонична балистичка ракета во Украина во наредните денови. Русија ја лансира првата ракета „орешник“ врз украинскиот град Дњепар на 21 ноември, што Кремљ го оквалификува како одговор на првиот украински напад на руска територија од американските ATAКМС и британските ракети „сторм шедоу“ со дозвола на Западот. Од Москва засега нема коментар на наводите во медиумите за можно второ лансирање на „орешник“. Р.С.