Западните лидери, меѓу кои американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, денеска телефонски ќе разговараат за украинската криза во услови на тензии со Русија кои се закануваат да ескалираат во војна.
Во разговорите треба да учествуваат и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, како и британскиот премиер Борис Џонсон и полскиот претседател Анджеј Дуда. Предвидено е учество и на италијанскиот премиер Марио Драги, канадскиот премиер Џастин Трудо, соопшти германската Влада и во Елисејската палата.
Разговорот се организира во време кога растат стравувањата дека Русија ќе ја нападне Украина.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен оцени дека Русија може да ја нападне Украина „во секој момент“, на чии граници со месеци се распоредени повеќе од 100.000 војници и тешко оружје.
Неколку серии разговори во последните денови не доведоа до напредок во решавањето на кризата, која Западот ја опишува како најопасната криза од Студената војна пред три децении.
Кремљ денеска соопшти дека разговорите на кои претходниот ден во Берлин се собраа претставниците на Русија, Украина, Германија и Франција, не дале „никаков резултат“.