Официјален Киев ги притиска западните сојузници за отстранување на ограничувањата за ракети со долг дострел - Фото: ЕПА

Одобрување на употребата на ракети со долг дострел од страна на Украина би можело да доведе до ескалација на војната

Зачестените активности на водечките дипломати од Западот деновиве ги зголемуваат надежите на Киев дека ќе добие одобрување за користење ракети со долг дострел за напади врз руска територија, и покрај тоа што нема јасни назнаки за ваквата одлука, за која се смета дека би донела големи ризици за понатамошна ескалација на руско-украинската војна.

Официјален Киев ги притиска западните сојузници од кои ги доби модерните ракети за отстранување на ограничувањата за нивна употреба, но засега нема такви сигнали, со што последните информации сугерираат за поделени мислења меѓу западните држави. Русија, пак, предупреди дека секоја одлука да ѝ се дозволи на Украина да ја нападне со западни ракети со долг дострел, ќе го продлабочи, како што го нарече, директното вклучување на САД и Европа во војната и ќе резултира со одговор од Москва.

Западните држави со поделени мислења, наспроти настојувањата на Киев

Прашањето за употреба на ракетите со долг дострел ги подели западните сојузници на Украина, со што многумина од нив одбиваат да дадат јасен одговор наспроти настојувањата на властите во Киев.
– Обединетото Кралство и Франција се желни да ѝ дозволат на Украина да напаѓа воени цели длабоко на руската територија, исто како и Полска, додека САД и Германија се против – објави британски „Фајненшл тајмс“.

Американскиот претседател Џо Бајден завчера изјави дека неговата администрација „моментно одлучува“ дали САД ќе ги укинат ограничувањата за Украина. Истовремено, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, завршувајќи ја посетата на Европа, при која беше во Киев и во Варшава, истакна дека во средата одржал опсежни разговори со украинските власти за тоа како тие гледаат на развојот на војната и кои се нивните потреби, но одби да каже дали Вашингтон е подготвен да одобри дополнителни ракетни напади врз Русија.

Други сојузници му испорачуваат оружје на Киев, но со ограничувања за тоа како и кога може да се користи во Русија, поради загриженост дека таквите напади би можеле да предизвикаат одмазда што ќе ги вовлече земјите на НАТО во војна или ќе предизвика нуклеарен конфликт.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, ги засили своите апели до сојузниците да ги укинат сите ограничувања за употреба на западно оружје врз цели на руска територија, по неодамнешните воздушни напади врз Украина, означувајќи го убедувањето на Вашингтон и на членки на НАТО во ваквата одлука како врвен дипломатски приоритет на Украина.

Кремљ предупредува: „Зеленото светло“ за Киев би значело дека НАТО е во војна со Русија

Ако Западот ѝ дозволи на Украина напади со ракети со долг дострел на руска територија, тоа би значело дека „земјите на НАТО се во војна со Русија“, нагласи завчера рускиот претседател Владимир Путин во остро предупредување до Западот.
– Ако оваа одлука биде донесена, тоа би значело директно вклучување на земјите на НАТО во војната во Украина и тоа би ја сменило природата на судирот – истакна Путин.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пак, на дебата за можната употреба на ракетите „сторм шедоу“ од страна на Киев за напади врз руска територија, ја нарече таквата можност „играње со оган“. Претходно британскиот весник „Гардијан“ објави дека Лондон одлучил да му дозволи на Киев да ги користи ракетите „сторм шедоу“ за цели во Русија, повикувајќи се на неименувани владини извори.

Претседателот на руската Дума, Долниот дом на парламентот, Вјечеслав Володин, го обвини НАТО дека е страна во воениот конфликт во Украина, сугерирајќи дека пактот веќе е силно вклучен во донесувањето на воените одлуки.
– САД, Германија, Велика Британија и Франција разговараат за можноста за напад на Украина со употреба на оружје со долг дострел на територијата на нашата земја. Тоа не е ништо друго, туку обид да се камуфлира и прикрие нивното директно учество во воената акција. Со ова САД и нивните сојузници всушност се обидуваат да си дадат дозвола да вршат акти на агресија со проектили против Русија – напиша Володин на својот канал на Телеграм. Р.С.


Украина има проектили со дострел до 300 километри, но не смее да ги користи за цели во Русија

Украина доби проектили со дострел до 300 километри од западните сојузници, но со напомена дека тие не можат да се користат за гаѓање цели во Русија. Оружјето што го доби Украина ја вклучува верзијата со долг дострел на копнениот армиски тактички ракетен систем, односно АТАЦМ, обезбедена од САД, како и ракетите „скалп“, заеднички развиени од Франција и Велика Британија.

Киев бара испорака на крстосувачки ракети „таурус“ од германско производство со домет од 500 километри, кој е двојно поголем од оној на британските „сторм шедоу“, но Берлин досега одби да изврши снабдување. Р.С.