
Европските арсенали веќе се исцрпени од претходните донации за Украина, а постои загриженост за потенцијални празнини на долг рок во воздушната одбрана на Европа доколку испораките од САД не бидат толку брзи како што предложи американскиот претседател Трамп
Што доколку испораките од САД не бидат толку брзи како што предложи американскиот претседател
Договорот меѓу САД и европските членки на НАТО за испорака на системите за воздушна одбрана „патриот“ во Украина зависи од тоа колку брзо можат да се префрлат новите батерии на Стариот Континент. Неколку европски земји првично сигнализираа интерес за склучување договор, сметајќи дека со предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за брза продажба на нови системи за воздушна одбрана на европските војски што ги донираат своите системи „патриот“ би се избегнало создавањето големи празнини во европските капацитети, додека истовремено би се одржувал протокот на американско оружје во Украина. Но европските арсенали веќе се исцрпени/испразнети поради претходните донации направени за Украина, а постои загриженост за потенцијални празнини на долг рок во воздушна одбрана на Европа доколку испораките од САД не бидат толку брзи како што предложи претседателот Трамп.
Побарувачката за „патриот“ ја надминува понудата
Глобалната побарувачка за напредни системи за воздушна одбрана произведени во САД значително ја надминува понудата, при што времето на чекање за новонарачаните системи „патриот“ трае и до неколку години, наспроти цените од околу една милијарда долари по батерија и четири милиони долари за секоја пресретнувачка ракета.
Германија, која ја презеде водечката улога за испорака на најновите донации, побара „непропустливи“ гаранции од Вашингтон дека ќе добие нови американски системи за воздушна одбрана во рок од осум месеци пред да испорача повеќе системи „патриот“ од своите тековни резерви, изјави минатата недела германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Берлин во петокот издаде потврда дека ќе добие приоритет за испорака на сосема нови системи „патриот“, дозволувајќи ѝ на владата да соопшти дека ќе испорача свои системи во Киев во следните неколку дена. Тоа значи дека Швајцарија, која потпиша договор за снабдување со „патриот“ уште во 2022 година, сега ќе се соочи со одложување на испораката на своите единици.
Германија веќе испрати три системи „патриот“ во Украина и првично се согласи да испорача уште пет. Но тие претходни донации и распоредувањето на уште две германски батерии „патриот“ на источното крило на НАТО значат дека Берлин има најмногу шест системи.
САД одлучуваат кои држави се приоритетни клиенти
Норвешка и Холандија, исто така, ѝ кажаа на Украина дека ќе учествуваат во договорот. Амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер, претходно месецов изјави дека САД „разгледуваат што имаат на располагање и на тоа му даваат приоритет и го ставаат на располагање за одбраната на Украина“.
– Клучното прашање потоа станува кои земји се третираат како приоритетни клиенти. Одлуките овде се на претседателот на САД – истакна Тревор Тејлор, соработник во Кралскиот институт за обединети услуги (РУСИ) со седиште во Лондон, во изјава за „Еурактив“.
Но остануваат сериозни прашања за тоа колку брзо САД ќе испорачаат. Романија жртвуваше голем дел од својот арсенал со откажување од еден од своите два оперативни системи „патриот“ минатата година, па тамошните власти се надеваа дека САД ќе можат да ги забрзаат нарачките за нови системи „патриот“. Но кога договорот за замена беше потпишан неколку месеци подоцна, датумот на испорака беше одреден за крајот на деценијата.
Долги листи на чекање, бавно зголемување на производството
Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за трансформација, францускиот адмирал Пјер Вандиер, проценува дека времето потребно за испорака на нови батерии „патриот“ е околу седум години. Друг добро информиран извор што разговараше со „Еурактив“ беше поголем оптимист, но сепак рече дека испораките ќе траат најмалку неколку години.
Двајца од клучните американски изведувачи на одбраната вклучени во производството на ракети „патриот“, „Локхид Мартин“ и „Рејтеон“, го зголемуваат производството од околу 500 на 650 ракети годишно.
– „Рејтеон“ ќе го зголеми месечното производство на пресретнувачи ГЕМ-Т за 150 отсто до 2028 година за да ја задоволи невидената побарувачка – изјави гласноговорник на компанијата за „Еурактив“, осврнувајќи се на ажурирана варијанта на ракетите што ги користи системот „патриот“.
Тој додаде дека компанијата, исто така, издвоила речиси една милијарда долари за обезбедување критични материјали од доставувачи и производство на рампи за радари.
Минатиот месец, раководителот на Одделот за системи за воздушна одбрана на „Рејтеон“ за „Еурактив“ напомена дека проширувањето на компанијата се соочува со слични проблеми во синџирот на снабдување, како што е случај и со другите производители, особено во пристапот до енергетика. Р.С.
Зеленски со години бара испорака на „патриот“, Киев има шест батерии
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со години бара дополнителни батерии „патриот“ додека неговата земја се соочува со руски воздушни напади и минатата недела изјави дека се надева дека ќе добие уште десет системи.
Се проценува дека шесте европски земји што користат системи „патриот“ – Германија, Грција, Холандија, Полска, Романија и Шпанија – поседуваат околу дваесетина како дел од нивните резерви. Од 2022 година, Киев доби шест оперативни батерии „патриот“ испорачани од САД, Германија, Романија и од Холандија, според британскиот мониторинг за оружје „Акција против вооружено насилство“. Р.С.
Откриена голема корупциска шема во набавките за одбрана на Украина
Агенциите за борба против корупцијата во Украина открија корупциска шема поврзана со набавка на воена опрема само два дена откако украинскиот парламентот им ја врати независноста во работењето по масовните протести и притисокот од Брисел, пренесува „Политико“.
Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) и Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САБО) открија „корупциска шема од големи размери“, која ги искористувала буџетските средства наменети за одбранбените сили, соопштија агенциите во саботата.
НАБУ и САБО истакнаа дека шемата вклучувала активен пратеник во парламентот, регионални службеници, началник на единица на воената единица на Националната гарда и директор на компанија што снабдува дронови. Ниту еден од нив не беше именуван во соопштението. Корупцијата вклучувала купување опрема по свесно надуени цени за кои учесниците нелегално добиле 30 проценти од износот на договорот, според агенциите. Сличен пристап бил користен и во набавката на дронови со ФПВ, соопштија агенциите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече шемата „апсолутно неморална“, во објава на Телеграм. Зеленски ја врати независноста на НАБУ и САПО по домашните протести и предупредувањето од Европската комисија дека кандидатурата на Украина за Европската Унија е доведена во прашање. Р.С.