Фото: Инстаграм профил/ Марија Захарова

Русија денеска предупреди дека испраќањето европски мировни сили во Украина ќе го смета за вовлекување на земјите-учеснички во „директен вооружен конфликт“ со Москва.

-За нас е апсолутно неприфатливо да распоредуваме единици на вооружените сили на други земји во Украина… Секое такво дејство би значело нивно вовлекување во директен вооружен конфликт со нашата земја, на што ќе одговориме со сите расположливи средства – рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Москва повеќепати јасно стави до знаење дека е против каква било форма на воен контингент од земјите сојузници со Киев, без разлика дали се членки на НАТО или на Европската унија, како гаранција за одржување на мирот или безбедноста во Украина.

Меѓутоа, за прв пат руското Министерство за надворешни работи предупредува дека ова ќе го смета за чин на воена агресија.

-Сметаме дека самото спомнување на таквите планови е бесрамна провокација која не е насочена кон решавање на конфликтот, туку потхранување на нездрави и штетни илузии меѓу високите претставници на киевските власти – истакна Захарова.