Загрижувачки податоци во новото меѓународно истражување на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија
Гледајќи ја пошироката слика, освен што аерозагадувањето претставува сериозна причина за смртност кај новороденчињата, тоа одзема повеќе здрави години од животот на која било возрасна категорија граѓани во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови
Од година на година македонските граѓани се соочуваат со драстично загаден воздух, особено во зимските месеци, што остава сериозни последици врз нивното здравје и значително го скратува животниот век токму поради дишењето воздух преполн со токсични честички.
Без оглед што оваа акутна состојба се провлекува со децении, освен ситни козметички зафати, во изминатите години не се преземени посериозни чекори за подобрување на состојбата. Имено, и покрај многубројните истражувања, кои потврдија дека најголем дел на загадувањето на воздухот е од загревањето на домовите, огревното дрво и натаму е доминантно во загревањето на домовите во Скопје и во другите поголеми градови во земјата. Државата претходно не го спречи ниту масовниот увоз на застарените дизел-автомобили од европските земји, кои на големо се ослободуваат од оваа стара технологија, а долго најавуваната гасификација на домовите со години тапка во место. Субвенциите за инвертери и печки на пелети не го решаваат генерално проблемот со загадениот воздух бидејќи опфаќаат мал дел од популацијата, а големите опожарувања на шумите ова лето дополнително ќе ја влошат состојбата со квалитетот на воздухот.
Загадувањето главен еколошки ризик по здравјето на децата
Ваквите состојби, покрај постарата, почнуваат да ја погодуваат и најмладата популација, удирајќи по и онака лошата демографска слика. Имено, ново меѓународно истражување на УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија открива дека еден од девет смртни случаи на деца до една година во 2021 година во Македонија е поврзан со загадениот воздух.
– Овие податоци се особено загрижувачки, бидејќи раната и честа изложеност на загаден воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот – вели Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ.
Во извештајот именуван „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“, се констатира дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според Светската здравствена организација и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
Високите ризици за Македонија потенцирани во извештајот
Понатаму се забележува дека во Македонија ризиците од загадениот воздух се особено високи. Имено, во февруари годинава, Скопје повторно се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на честичките ПМ10 или ПМ2,5 ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Според извештајот, бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје како последица на аерозагадувањето.
– Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех – се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.
Гледајќи ја пошироката слика, освен што аерозагадувањето претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, тоа одзема повеќе здрави години од животот на кого било во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.
УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, како и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух. С.Т.
Лани потрошени близу девет милиони денари за заштита на животната средина
Според податоците на Државниот завод за статистика, вредноста на трошоците за заштита на животната средина во 2023 година изнесува 8.875.771 денар. Во вкупните трошоци за заштита на животната средина според еколошката намена, најголемо е учеството на трошоците за управување со отпадни води (35,01 отсто), потоа на трошоците за постапување со отпад (28,31) и на трошоците за циркулациски системи за снабдување со вода (20,93).
Трошоците за заштита на животната средина се состојат од две компоненти: инвестиции во средства за заштита на животната средина и трошоци за одржување на средствата за заштита на животната средина.
Учеството на инвестициите во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 62,23 отсто, а учеството на трошоците за одржување во вкупните трошоци за заштита на животната средина изнесува 37,77 отсто.
Од вкупните трошоци за заштита на животната средина најмногу трошоци се направени во индустријата и специјализираните производители, 4.381.994 денари, односно 49,37 отсто.
Од направените трошоци за заштита на животната средина во индустријата и специјализираните производители, 32,82 отсто се наменети за инвестиции, а 67,18 отсто се за одржување на средствата. Од вкупните плаќања и надоместоци за извршени услуги за заштита на животната средина, најголемо е учеството на платените надоместоци за постапување со отпад, 88,47 отсто. С.Т.