Тврди „Политико“
Европската Унија бара од држави што се надвор од блокот да се придружат во нејзините напори за колективно купување муниција, со што Норвешка веќе изразила интерес, според информациите од претставник на Унијата и двајца дипломати, пишува „Политико“.
Ваквата кампања е дел од планот на ЕУ за снабдување со поголеми количества на евтина муниција за Украина, како и за засилување на капацитетот на Европа за производство и пополнување на нејзините залихи што се намалени.
Во шемата би можела да биде вклучена и Канада, според информациите од втор функционер од ЕУ, кој инсистира на анонимност, како и останатите соговорници на „Политико“.
Првиот чекор од планот е доделување на најмалку милијарда евра за купување на артилериска муниција од 155 милиметри, што е потребна за Украина. Се смета дека набавката и преговорите за цената ќе бидат олеснети со учеството на што поголем број на држави.
Естонија беше клучна во иницирање на неодамнешниот план за заедничко снабдување, за кој постојано се залага, а за кој проценува дека се потребни четири милијарди евра. Според естонскиот план, државите вложуваат во колективен фонд, што ЕУ потоа го користи во преговорите за заеднички договор за муниција.
Фондот од почетокот на војната се употребува за делумна исплата на државите за нивните донации во оружје за Украина, за што досега беа искористени 3,6 милијарди евра. А сега се јавува и можноста за заедничко снадбување со муниција преку него.
Идејата за вклучување на држави надвор од ЕУ за засилување на фондот првпат била спомната минатата недела, во документ на ЕУ за планот за заедничко купување на муниција. „Политико“ имал увид во документот, во кој се посочува можноста „истомислениците да се поканат за да го поддржат напорот преку доброволни финансиски прилози“.
Но, има спротивставени гледишта во дискусијата за прашањето дали парите за муниција да се задржат во рамки на границите на ЕУ. Тоа го потврди и Кусти Салм, секретарот на министерството за одбрана на Естонија, во изјава за „Политико“.