Британскиот крал Чарлс и папата Лав денеска оддржаа заедничка молитва во Систинската капела во Ватикан, во првата заедничка служба на англиски монарх и католички поглавар откако кралот Хенри VIII се прогласи за поглавар на Англиканската црква, одвојувајќи се од папската власт на Римокатоличката црква во 1534 година.
Латински песни и англиски молитви одекнуваа низ капелата, каде што пред шест месеци Лав беше избран за прв американски папа од страна на католичките кардинали во светот – објави „Гардијан“.
Чарлс, врховен поглавар на Англиканската црква, седеше лево од папата во близина на олтарот на капелата, додека папата Лав и англиканскиот надбискуп Стивен Котрел ја водеа службата, на која настапи хорот на Систинската капела и два кралски хора.
Иако Чарлс се сретна со последните три папи, од кои Јован Павле II и Бенедикт XVI ја посетија Велија Британија, нивните претходни состаноци никогаш не вклучуваа заеднички молитви.
Кралот Чарлс и кралицата Камила, кои го посетија Ватикан претходно оваа година за да го видат папата Франциск, утрово имаа и приватна аудиенција со папата Лав XIV.
Попладнето, британскиот крал ќе отпатува во римската базилика „Свети Павле“ која е надвор од ѕидините, една од четирите најпочитувани цркви во католицизмот, каде што ќе му биде доделена титулата „кралски конфрат“ или член на братството.
Кралот се сретна и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.