Фото: ЕПА

Конфликтите, воените судири и војните се немилосрден феномен во секој историски период. Се разбира дека повеќето војни завршуваат со мировни преговори, на „зелена маса“. Предуслов за мировните преговори да бидат успешни е тие да бидат водени со посредништво од една влијателна, но неутрална страна медијатор. Во тој контекст, Ватикан како најмала држава во светот (но центар на Римокатоличката црква со повеќе од милијарда католици и огромно морално и духовно влијание) е идеална земја за медијатор при водење преговори за решавање конфликти. Само во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, Светиот Престол посредуваше во низа војни и помогна во создавањето различен свет.
Од опсервацијата што следува, на аналитичарот Матија Шериќ, издвојуваме неколку примери од многуте каде што Светиот Престол активно учествувал со папата како носител на тие процеси

1. Улогата на Папата Јован Павле Втори во завршувањето на Студената војна

Папата Јован Павле Втори одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна, преку влијанието во Источна Европа, особено во неговата родна Полска. Уште за време на неговата прва посета на Полска во 1979 година, неговата порака беше јасна – тој ги повика луѓето да ги зачуваат својот религиозен идентитет и национална гордост.
Еден од најважните придонеси на папата Јован Павле Втори беше неговото влијание врз полското работничко движење „Солидарност“. Имено, „Солидарност“ беше синдикално движење предводено од Лех Валенса, а папата обезбеди силна морална поддршка за него.
Во истиот контекст, папата воспостави блиски односи со тогашните врвни светски лидери, американскиот претседател Роналд Реган и британската премиерка Маргарет Тачер. Тие ја споделија со папата заедничката цел за ставање крај на Студената војна и слабеење на советското влијание во светот.
Американската администрација, охрабрена од ставовите на папата, продолжи со економските санкции и политичкиот притисок врз СССР, додека и Ватикан и Западот ги промовираа човековите права и слободи. Папата ги поддржуваше дисидентите низ целиот Источен блок, од Полска до Чехословачка и Советскиот Сојуз, испраќајќи им порака дека не се сами. Еден од најпознатите дисиденти, Вацлав Хавел, чешки писател, а подоцна и претседател на Чехословачка, изјавил дека Јован Павле Втори беше „клучна инспирација за мирни промени и демократизација“.

2. Светиот Престол се вклучи во запирањето на Хрватско-бошњачката војна

На почетокот на 1994 година, Светиот Престол се вклучи во запирањето на Хрватско-бошњачката војна, што требаше да биде првиот чекор кон целосно завршување на војната во Босна и Херцеговина.
Ватикан беше меѓу првите што ја признаа независноста на Хрватска и Босна и Херцеговина, а исто така брзо реагираше на ескалацијата на конфликтот во Босна и Херцеговина, обидувајќи се да дејствува како мировен посредник меѓу трите завојувани страни. Папата Јован Павле Втори постојано апелираше до сите страни да ги прекинат конфликтите и да најдат заедничка основа. Неговите пораки имаа силен одзив, особено меѓу Хрватите, кои наидоа на морална поддршка во црквата. Со воспоставување дипломатски канали меѓу Ватикан и страните во конфликтот, ватиканските дипломати ги охрабруваа дијалогот и компромисот како единствен пат кон стабилност.
Во февруари 1994 година, папата го замолил хрватскиот министер за надворешни работи Мате Граниќ да најде начин за ставање крај на војната, која папата ја сметал за екуменски проблем, односно конфликт меѓу католицизмот и исламот, а за возврат ветил дека ќе ја посети Хрватска. Тој ја посочи опасноста од радикален исламски фундаментализам (имало неколку илјади муџахедини во БиХ), кој би можел да се прелее од БиХ во терористички акти низ цела Европа. Кардиналот Содано и министерот за надворешни работи на Ватикан, Жан-Луј Тауран, побараа од хрватскиот министер за надворешни работи Граниќ да го отстрани Мате Бобан од позицијата лидер на Хрватската Република Херцег-Босна, бидејќи веруваа дека тој и неговите соработници немаат вештини за водење преговори.
Папата не наметна конкретно политичко решение за Босна и Херцеговина, но „од срце ја поддржа американската идеја за создавање хрватско-бошњачка федерација на Босна и Херцеговина, главно за да не завршат голем број католици и католички имот во муслимански ентитет“. Мате Бобан (лидерот на Хрватската Република Херцег-Босна) наскоро беше заменет, а на негово место дојде Крешимир Зубак, кој се согласи на формирање на федерацијата, што се случи со Вашингтонскиот договор во март 1994 година.
Со тоа, според аналитичарот, „војната меѓу католиците и муслиманите заврши, што во голема мера ја поедностави војната во Босна и Херцеговина“. (!?)
(Интерeсна констатација на аналитичарот што фрла една нова светлина и на судирот во БиХ, но и на улогата на Ватикан).

3. Медијација на Светиот Престол меѓу САД и Куба

Според аналитичарот, Ватикан одигра клучна улога во медијацијата што доведе до историска нормализација на односите меѓу САД и Куба во 2014 година. Процесот на дипломатско помирување меѓу двете земји, кои беа во непријателски односи повеќе од 50 години, беше резултат на години тајни преговори и дискретни дипломатски иницијативи, во кои Ватикан, а особено папата Франциск, одигра клучна улога. Ватикан организираше неколку тајни состаноци меѓу американски и кубански претставници. Овие состаноци се одржаа претежно во Канада и во Ватикан под висок степен на доверливост. Светиот Престол имаше идеална позиција како медијатор и поради историската неутралност и долгогодишното присуство во Латинска Америка.
Папата Франциск лично им напиша писма на тогашниот американски претседател Барак Обама и на кубанскиот претседател Раул Кастро, охрабрувајќи ги да отворат канали за комуникација и да го промовираат дијалогот. Во своите писма, тој апелираше на споделени вредности и повика на прошка и помирување. Писмата на папата, според самите учесници, имале одлучувачко влијание врз движењето кон помирување.
Официјалното објавување за нормализација на односите меѓу САД и Куба се случи на 17 декември 2014 година, кога Обама и Кастро јавно објавија дека постигнале договор за повторно воспоставување дипломатски односи. Двајцата претседатели му се заблагодарија на папата Франциск за неговата посредничка улога, нагласувајќи дека без негова интервенција, договорот не би бил можен.
Ватикан беше домаќин на последните преговори што им овозможија на двете страни да се договорат за размена на затвореници, отворање амбасади во Вашингтон и во Хавана и за укинување на некои трговски и финансиски санкции на САД врз Куба.

4. Светиот Престол со медијаторство во Африка

Аналитичарот се осврнува на улогата на Ватикан во Централноафриканската Република во 2015 година, во време кога земјата минуваше низ разорна граѓанска војна обележана со етнички и религиозни поделби.
Имено, граѓанската војна, која започна во 2012 година, се претвори во конфликт меѓу христијанските милиции (Антибалака) и муслиманските бунтовнички групи (Селека), што доведе до масовно насилство, раселување на населението и хуманитарна криза. Папата Франциск ја посети Централноафриканската Република во ноември 2015 година, што беше историски настан со оглед на актуелната ситуација во земјата во тој период. Неговата посета, одржана под висок ризик, ја симболизираше важноста на мировниот процес и му понуди надеж на страдалното население.
За време на посетата, папата ги посети и христијанските и муслиманските заедници, испраќајќи силна порака за единство и помирување.
Неговата посета на џамија во главниот град Банги беше особено симболична, каде што ја повика муслиманската заедница да живее во мир и заедно со христијаните. Папата апелираше до сите страни да ги отфрлат омразата и насилството, нагласувајќи дека религијата никогаш не смее да се користи за оправдување на насилството. Неговата порака охрабри многу лидери на христијанските и муслиманските заедници да почнат да градат мостови на доверба. Ватикан организираше голем број средби со претставници на различни заедници во Централноафриканската Република, промовирајќи дијалог меѓу христијанските и муслиманските лидери. Тој, исто така, обезбеди хуманитарна помош за жртвите од конфликтот. Мировниот договор во Централноафриканската Република беше потпишан на 6 февруари 2019 година во главниот град Банги. Иако Ватикан не беше директен посредник во преговорите, претходните мировни иницијативи на папата Франциск во 2015 година одиграа важна улога во поттикнувањето на меѓуверскиот дијалог и намалувањето на насилството, што ги постави темелите за подоцнежните преговори. Војната сè уште не е завршена.

5. Улогата на Ватикан како медијатор меѓу Владата на Колумбија и Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК)

Аналитичарот во својот осврт фрла еден поглед и на случајот кога во Јужна Америка, Ватикан одигра важна улога во мировниот процес меѓу колумбиската влада и Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), што во 2016 година резултираше со историски мировен договор по повеќе од пет децении конфликт. Папата Франциск силно го поддржа мировниот процес во Колумбија и лично се залагаше за договор меѓу колумбиската влада и ФАРК. Како латиноамерикански папа, тој беше особено сензибилизиран за проблемите во регионот и свесен за долготрајното насилство и хуманитарното страдање што го погодуваше колумбиското население. Неговите пораки за мир се фокусираа на помирување и враќање на довербата, повикувајќи ги двете страни да го остават минатото зад себе и да изградат праведно општество.
Ватикан, преку своите дипломатски канали, го поддржа преговарачкиот процес што се одвиваше во Хавана од 2012 до 2016 година. Иако не беше директен посредник, Ватикан обезбеди поддршка преку колумбиски бискупи и претставници на црквата, кои учествуваа во неформални разговори и понудија простор за дијалог. Католичката црква во Колумбија ѝ даде помош на колумбиската влада, дејствувајќи како посредник помеѓу граѓанското општество и политичките актери. Во јуни 2016 година, колумбиската влада и бунтовниците потпишаа историски договор за прекин на огнот. Иако договорот беше отфрлен на плебисцитот што следуваше во октомври, ревидиран мировен договор беше потпишан следниот месец, кој беше ратификуван од колумбискиот Конгрес. Во септември 2017 година, папата Франциск ја посети Колумбија за да го поддржи мировниот процес. Посетата беше од големо симболично значење за колумбискиот народ и дополнително ги зајакна напорите за спроведување на мирот. Граѓанската војна во Колумбија сè уште не е завршена, бидејќи дисидентите на ФАРК ја продолжија својата герилска војна, како и наркокартелите.
Аналитичарот Матија Шериќ сепак заклучува дека „Светиот Престол во голема мера го смири и овој конфликт, како и многу други конфликти во светот“, што, според него, е од „непроценлив придонес“.

Автор: Матија Шериќ
(делови од поширока опсервација на аналитичарот, објавена во
аналитичкиот портал „Актуалитика“)