Фото: (Пиксабеј)

Израелците веруваат дека производството на медицински канабис може да помогне во намалување на невработеноста во Јерехам, кој е познат и како „заборавениот град“. Десетици стартап-компании во Израел веќе работат со медицински канабис, а новата легислатива се очекува да доведе до понатамошен раст на пазарот. Иницијативата е предводена од „КанНегев“, првата компанија „инкубатор“ за медицински канабис во Израел која помагала во развојот на стартапи.

– Во Јерухам – „заборавениот град“, еден од најоддалечените израелски градови, решивме да биде срцето на нашиот бизнис за производство на медицинскиот канабис – рече Зви Бет Ор, основач на „КанНегев“.

– Мојот сон е да го претворам Јерухам во престолнина на медицинскиот канабис во Израел. Си ветив дека ќе дадам се од себе за да бидеме меѓу првите во науката и технологијата во оваа област – изјави Тал Охана, првата градоначалничка во историјата на Јерухам за „Асошиејтед Прес“.

Фото : (Пиксабеј)

Јерухам е дел од приоритетната економска зона на израелската влада, која нуди отстапки за оние кои сакаат да започнат бизнис таму. Охана вели дека производство на медицинскиот канабис може да ја трансформира сликата на нејзиниот град и да помогне да се намали бројот на невработени.

– Мојата цел е да создадам квалитетни работни места и да понудам високи плати за да привлечам нова популација работници – рече таа.

Рекреативната употреба на канабис во Израел е нелегална, но толерирана. Владата веќе една деценија ја охрабрува нејзината терапевтска употреба во лекувањето на тешки медицински состојби и посттрауматски стрес на поранешните војници. Во октомври минатата година, израелскиот парламент усвои закон кој треба да го направи медицинскиот канабис уште попристапен.

– Сто стартап-компании веќе работат на производство на медицинскиот канабис – рече Дана Гуревич, главен технолошки директор на израелската администрација за иновации, додавајќи дека четвртина од тие компании се основани во 2019 година.

Во јужен Израел, во близина на градот Ашдод, „БОЛ Фарма“ годишно одгледува 400.000 растенија канабис на 3,5 хектари, исклучиво за терапевтска употреба.

– Денес има 110.000 пациенти во Израел кои имаат лиценци за консумирање медицински канабис. Но, кога ЦБД ќе стане достапна за секого, милиони луѓе, семејства, ќе можат да ја користат во козметика и други секојдневни производи – рече Двир Талер, директорот „БОЛ Фарма“

Сакајќи да стане израелски центар за производство на т.н. „зелено злато“, администрацијата на Јерухам одвоила 50 хектари земјиште за одгледување медицински канабис, тврдејќи дека климата во пустината е идеална за одгледување на ова растение.