Емануел Макрон - Фото: ЕПА

Џефри Сакс тврди дека во приватен меѓусебен разговор, Макрон ја прифатил вината дека НАТО е одговорно за конфликтот во Украина

Американскиот економист и професор на Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, тврди дека францускиот претседател Емануел Макрон му признал дека „војната во Украина е вина на НАТО“! Ова тврдење Макрон лично му го кажал на Сакс за време на приватен разговор додека му го доделувал орденот на Легијата на честа, пренесуваат светските медиуми.
– Приватно ми рече нешто што никогаш не го кажува јавно: за оваа војна е виновно НАТО – истакна Сакс.
Само една недела претходно Париз беше домаќин на состанок на таканаречената Коалиција на подготвените, на кој Макрон објави дека 26 земји ветиле оти ќе распоредат сили за одвраќање на украинска територија, откако ќе се постигне прекин на огнот. Францускиот претседател додаде дека коалицијата наскоро ќе почне да работи на правната и политичката рамка за безбедносни гаранции за Киев.
Руското министерство за надворешни работи постојано предупредува дека секое сценарио што вклучува распоредување западни трупи во Украина е неприфатливо за Москва и ризикува остра ескалација на конфликтот. Москва ги оквалификува изјавите на европските лидери за испраќање воени контингенти во Украина како агитирање за продолжување на војната.

Американскиот економист и професор на Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, важи за гласен критичар на НАТО, особено на проширувањето на Северноатлантската алијанса кон исток, кое тој го смета за главна причина за војната во Украина. Во неодамнешните јавни настапи и интервјуа, Сакс го повтори својот долгогодишен став дека НАТО е застарена организација и оти нејзиното проширување е непријателски чин кон Русија. Како еден од најпознатите говорници на денешницата, Сакс исто така постојано повикува на мировни преговори и дипломатија за решавање на конфликтот меѓу Русија и Украина. Тој сугерираше дека мирот во Европа мора да го решат Европејците, вклучувајќи ја и Русија, а не само САД.

НАТО објави нова иницијатива за зајакнување на безбедноста на своите членки од Источна Европа по нарушувањето на полскиот воздушен простор од дронови.
– НАТО ја лансира „Источната стража“ за да ја зајакне нашата позиција уште повеќе по должината на нашето источно крило. Оваа воена активност ќе започне во наредните денови и ќе вклучува низа средства од сојузници, вклучувајќи ги Данска, Франција, Обединетото Кралство, Германија – изјави генералниот секретар Марк Руте во петокот во Брисел, за време на заедничката прес-конференција со врховниот командант на НАТО во Европа, американскиот генерал Алексус Гринкевич.
Новата мисија на НАТО, која почна во петокот, ќе вклучува низа средства што интегрираат воздушни и копнени бази.

Во меѓувреме, и Романија исто така соопшти дека дрон го нарушил нејзиниот воздушен простор за време на руски напад врз Украина во близината на границата, што претставува втор упад во воздушниот простор на земја членка на НАТО за помалку од една недела.

Романското министерство за одбрана во соопштението наведе дека земјата испратила два борбени авиона Ф-16 за да ги следат руските воздушни напади преку границата и дека пилотите го откриле дронот во романскиот воздушен простор. Министерството соопшти дека дронот не летал над населени места и не се пријавени штети или повредени. Романците ја сомничат Русија за прелетот на дронот. Р.С.