Официјални лица упатени во тематиката за „Ројтерс“ изјавија дека Пентагон спроведува вежби за планирање на поддршката што Вашингтон би можел да ја понуди покрај обезбедувањето оружје. Но тие нагласија дека ќе биде потребно време американските и европските планери да утврдат што би било и воено изводливо и прифатливо за Кремљ
Што всушност значи „ангажман за поствоени безбедносни гаранции за Киев“ и кој би го спроведувал?
Американски и европски воени планери почнаа да ги истражуваат можностите за поствоени безбедносни гаранции за Украина, изјавија американските претставници и извори за „Ројтерс“ по ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп да помогне во заштитата на земјата, според евентуален постигнат договор за ставање крај на војната со Русија. Но многу прашања остануваат отворени наспроти охрабрувачките најави за Украина и нејзините сојузници.
Европски сили под команда на САД
Официјални лица упатени во тематиката изјавија за „Ројтерс“ дека Пентагон спроведува вежби за планирање на поддршката што Вашингтон би можел да ја понуди покрај обезбедувањето оружје. Но тие нагласија дека ќе биде потребно време американските и европските планери да утврдат што би било и воено изводливо и прифатливо за Кремљ. Руското министерство за надворешни работи ја отфрли можноста за распоредување војници од земјите на НАТО, независно под чие било знаме, за да се помогне во обезбедувањето мировен договор.
Поради тоа се претпоставува оти воената поддршка веројатно ќе биде изразена преку обука, разузнавање и логистика, помагајќи ѝ на Украина да ја обнови својата ослабена армија, заедно со континуирано снабдување со оружје и муниција. Една опција претставува испраќање европски сили во Украина, но ставање на САД на чело на нивната команда и контрола, според два извора на „Ројтерс“ запознаени со ова прашање. Изворите додаваат дека војниците нема да бидат под знамето на НАТО, туку ќе дејствуваат под знамињата на своите нации.
Пентагон и НАТО досега не одговориле на барањето за коментар на ваквата идеја. На брифинг за медиумите во Белата куќа, пак, беше соопштено дека САД би можеле да помогнат во координирањето на безбедносните гаранции за Украина. А од друга страна, некои од западните медиуми известуваат дека ниедна земја од таканаречената Коалиција на подготвените (ја сочинуваат 30 западни сојузници на Украина) не е подготвена да испрати војници во Украина, бидејќи, како што наведува британски „Би-би-си“, „никој не сака да започне трета светска војна“.
Црно Море е уште една област каде што западните безбедносни гаранции би можеле да помогнат за држење на руската флота настрана и за обезбедување слободен проток на комерцијални бродови од пристаништа како што е Одеса. На копно, пак, ситуацијата е попроблематична. Украина е огромна земја, а линијата на фронтот моментно се протега на повеќе од илјада километри.
Можна воздушна поддршка од Америка
Американскиот претседател Трамп јавно ја отфрли можноста за распоредување американски војници во Украина, но во вторникот се чини дека ја остави вратата отворена за поинакво американско воено вклучување. Во интервју за програмата „Фокс и пријатели“ на „Фокс њуз“, тој посочи дека Вашингтон би можел да ѝ обезбеди воздушна поддршка на Украина.
– Кога станува збор за безбедноста, Европејците се подготвени да испратат луѓе на терен. Ние сме подготвени да им помогнеме, особено, веројатно… по воздушен пат – рече Трамп, без да даде дополнителни детали.
Воздушната поддршка на САД би можела да дојде на различни начини, вклучувајќи и обезбедување повеќе системи за воздушна одбрана на Украина и спроведување зона на забранети летови со американски борбени авиони.
Од избувнувањето на војната во 2022 година, САД испратија оружје и муниција во вредност од повеќе милијарди долари во Киев. Администрацијата на Трамп накратко ги запре тие испораки на оружје, вклучувајќи и по контроверзниот состанок во Белата куќа помеѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари и повторно во јули. Испораките сега се обновени, а Трамп вети дека ќе испрати оружје, првенствено одбранбено, за да ѝ помогне на земјата разурната од војна.
Јасно е дека на Украина ќе ѝ бидат потребни силни безбедносни гаранции по постигнувањето мировен договор и за ставање крај на војната. Р.С.
Средба на воените лидери на НАТО
За вчера беше предвиден видеосостанок на воените шефови на НАТО на кој требаше да се дискутира за состојбата во Украина, со што генералот на воздухопловните сили на САД, Алексус Гринкевич, кој исто така ги надгледува операциите на НАТО во Европа, требаше да изнесе информации за состанокот во Алјаска меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин што се одржа минатата недела. Р.С.