Фото: ЕПА

Стив Виткоф, американски пратеник, најави дека преговорите за мировниот план за Украина би можеле да се одржат во рок од три недели, што, според него, ќе го отвори патот за трилатерален состанок меѓу претседателите на САД, Русија и Украина, Доналд Трамп, Владимир Путин и Володимир Зеленски.

Виткоф за „Фокс њуз“ рече дека тој и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер, кој е постојан член на делегацијата за мировни разговори за Украина, се надеваат дека ќе „презентираат некои предлози“ на руската и украинската страна што ќе ги зближат во следните три недели.

– И можеби дури и ќе доведат до самит меѓу Зеленски и претседателот Путин, можеби во одреден момент и трилатерален самит со претседателот (на САД), ќе видиме – рече Виткоф.

Според него, Трамп нема да учествува на трилатералниот состанок ако не е убеден дека тоа ќе доведе до одобрување на договорот и „подобар исход“.