Американскиот претседател во многу пригоди ја критикуваше енергијата, нарекувајќи ја „најскапа и еколошки непријателска“ форма на енергија. И за време на изборната кампања, тој најави укинување на поддршката за овој вид инвестиции. За потсетување, претседателот на САД претпочита „употреба на нуклеарна енергија, но и на фосилни горива како најсигурни и најевтини“
САД влегуваат во длабоко реструктурирање на енергетскиот сектор, маргинализирајќи ја зелената енергија поради нејзината неефикасност
Добро е познато дека претседателот на САД, Доналд Трамп, е противник на таканаречената зелена енергија, т.е. обновливите извори на енергија, бидејќи за зелената енергија смета дека е непредвидлива, променлива, нерелијабилна (не може со сигурност да се потпре на неа), неконтинуирана… Тоа важи особено за високоиндустриските земји како САД, кои во реалната економија, односно во индустријата, бараат континуирана испорака на стабилна и предвидлива енергија. А енергијата од зелените извори не е таква. Американскиот претседател во многу пригоди ја критикуваше енергијата добиена од ветер на море, нарекувајќи ја „најскапа и еколошки непријателска“ форма на енергија, а самите турбини, според него, „убиваат китови“. И за време на изборната кампања, тој најави укинување на поддршката за овој вид инвестиции. За потсетување, претседателот на САД претпочита „употреба на нуклеарна енергија, но и на фосилни горива како најсигурни и најевтини“.
Да не заборавиме дека, всушност, претседателот на САД е и најголемиот лобист за американските нафтени компании, односно за традиционалниот начин на експлоатирање нафта, но и за изградба на нова нафтена инфраструктура (нафтоводи), како во САД така и кај соседите, Канада или Мексико.
Таквите негови ставови редовно беа критикувани од страна на „зелените активисти“, а честопати избувнуваа протести меѓу домородното индијанско население преку чии територии (резервати) се изградија, се планира да се градат или веќе се градат споменатите нафтоводи.
Со почетокот на претседателскиот мандат, Трамп јасно стави до
знаење – што (не) сака, тоа и прави
Освојувањето на власта во САД од страна на Трамп доведе до тешки предизвици за поддржувачите на зелената агенда, за инвеститорите во зелените политики и за политиките и политичарите што ја туркаа оваа алтернатива во САД. Одлуката за суспендирање инвестиции во вредност од дури пет милијарди долари ја донесе администрацијата на Трамп кон средината на април годинава.
Конкретен пример за тоа е големата ветерна фарма на источниот брег на САД што нема да биде завршена. Тоа е „Емпаер винд 1“, првиот проект во масовна изградба на таканаречени пловечки ветерни фарми, покрај брегот на Лонг Ајленд, кој требаше да создаде повеќе од 1.500 работни места и на крајот да напојува 500.000 дома со изградба на 54 ветерни турбини, а беше одобрен од администрацијата на Бајден. Почнувајќи од јануари 2025 година, новите проекти мораа да се усогласат со федералните ограничувања за дозволи и лиценцирање. Конгресменот Џеф Ван Дру, сојузник на Трамп, отворено ги нарече офшор проектите (како што е „Емпаер винд“) „економска и еколошка катастрофа“.
Претседателот на САД се ослободува од зелените проекти, како неефикасни
Американскиот претседател Доналд Трамп сега прави нешто што ќе има сериозни преструктурирања во Соединетите Американски Држави за енергетскиот сектор. Имено, Белата куќа во најновото соопштение за јавноста информира дека „претседателот на САД потпиша извршна наредба со која се укинуваат субвенциите за несигурни зелени извори на енергија како што се ветерот и сончевата енергија, како дел од законот за една голема убавина“. Портпаролите на Белата куќа објаснуваат дека „со декретот, претседателот на САД му наложува на министерот за финансии да ги прекине даночните олеснувања за производство на чиста електрична енергија и инвестициите во ветерни фарми и соларни фарми и да воведе проширени ограничувања за странски организации.
Претседателот на САД исто така му наредува на секретарот за внатрешни работи „да ги преиспита регулаторните политики и да ги укине стимулациите за ветерни и сончеви електроцентрали“.
Во документот се наведува дека Трамп ќе ја прекине „зелената измама“.
„Несигурните извори на енергија од ветер и сончева енергија го истиснуваат достапното и сигурно производство на енергија, загрозувајќи ја енергетската мрежа на Америка и оштетувајќи ја природната убавина на нашата нација“, пишува во правилникот.
Трамп верува дека потпирањето на зелени субвенции ја загрозува националната безбедност бидејќи САД стануваат зависни од синџирите на снабдување контролирани од странски противници. Ова е во целосна спротивност со ставовите и постапките на неговиот претходник, демократот Џо Бајден.
Според американската Администрација за енергетски информации (EIA), уделот на зелените електроцентрали во производството на електрична енергија во САД изнесувал 21,4 отсто во 2023 година. Во исто време, електроцентралите на гас учествувале со 43 отсто, термоцентралите на јаглен со 16,2 отсто и нуклеарните електроцентрали со 18,6 отсто. Најголемиот удел на зелена енергија во Соединетите Американски Држави е во Калифорнија, каде што изнесува 57 отсто во 2024 година. Р.С.