Фото: ЕПА

САД и Кина се согласија за „рамка за деескалација на трговските тензии“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Америка се откажува од плановите со кои сакаше да ги укине студентските визи за Кина, но побара во замена континуиран увоз на ретки земни метали од Кина. Деталите, споделени од Трамп во објава на Трут соушл, следуваат по објавата на американските и кинеските претставници деновиве, кога тие се согласиле за „рамка“ за деескалација на трговските тензии меѓу двете земји.

Сепак, таа рамка засега е „давање збор/ветување од двете страни“ за спроведување на договорот што САД и Кина веќе го постигнаа во Женева минатиот месец, кој е во застој поради тековни недоразбирања меѓу двете суперсили.

Но тонот на Трамп при обелоденувањето на „рамката за деескалација на трговските тензии“ беше како да е „готова и договорена работата“. Претседателот на САД го нарече „договорот“ – ПОСТИГНАТ, па дури и завршен, по дводневните разговори, во кои беа вклучени и секретарот за финансии Скот Бесент, трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, и секретарот за трговија Хауард Лутник.
– Нашиот договор со Кина е завршен, подлежи на конечно одобрување од претседателот Си Џинпинг и од мене. Односот е одличен! Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање – изјави Трамп.

Поместување од мртва точка

Покрај продолжувањето на протокот на ретки земни метали и магнети, како и ублажувањето на ситуацијата околу кинеските студентски визи, Трамп рече дека Кина ќе остане предмет на максимум 55 проценти царини, составени од царините од 25 проценти одобрени за време на неговиот прв мандат, царините од 20 проценти поврзани со улогата на Кина во снабдувањето со прекурсори на фентанил и основната царина од 10 проценти што ја воведе на сè.

Откако договорот беше постигнат во Женева во мај, администрацијата на Трамп ѝ замери на кинеската влада дека „е бавна во продолжувањето на испораките на критични минерали и магнети од ретки земни метали“. Од друга страна, кинеската влада беше длабоко разочарана од потезите на Вашингтон за ограничување на американскиот извоз кон клучните кинески индустрии, како што се полуспроводниците и авионите.
Р.С.