Најмалку три лица загинаа, а поголем број се потешко повредени во железничка несреќа што денеска околу пладне се случи во јужна Германија, во близина на Гармиш-Партенкирхен, кога регионален воз полн со патници излетал од шините.
Како што соопшти полицијата, покрај тројцата загинати, повредени се над 60, од кои 16 потешко. Меѓу патниците имало и многу деца.
Според очевидци, неколку вагони се превртеле и се лизнале по железничкиот насип. Возот сообраќал на линијата Гармиш-Партенкирхен – Минхен.
На помош на пожарникарите им се придружиле и припадниците на Бундесверот и федералната полиција стационирани во овој дел на Германија, поради претстојниот самит на Г7 во блискиот Елмау.
Во Германија денеска започнува тридневниот викенд за празникот Духови, по што следи еднонеделниот училишен распуст.
Истовремено, во средата во Германија започна продажбата на месечни билети од девет евра, кои важат за локалните возови низ целата земја, што веќе предизвика невообичаено големи метежи во локалните и градските возови, особено во туристички атрактивните области.