Иран продава на Русија илјадници дронови за бомбардирање на украинските градови, а 6.000 треба да бидат произведени во руски фабрики по иранска лиценца, но за нападите на руските позиции на фронтот Украина се снабдува со многу повеќе дронови од партнерот на Русија – Кина.
Како што денеска објави весникот „Волстрит журнал“, Украина нашла начин да се снабди со десетици илјади дронови и да воспостави канали за купување на делови за нив од Кина.
Од друга страна пак, американските дронови употребени во Украина се скапи, закочуваат, не се отпорни на средствата за радиоелектронска борба, честопати не успеваат да ја завршат мисијата и да ги исполнат задачите соодветно зададените параметри и тешко се поправаат, изјавија за весникот раководители на стартапи и поранешни воени лица од САД, оператори на дронови во првата борбена линија и службеници од Украина.
Малите американски дронови се виде дека не се доволно развиени, укажува Микола Бјелиесков, аналитичар од добротворна организација која снабдила повеќе од 30.000 дронови за војската.
Се дознава дека Украина набавува готови производи пред сѐ од онлајн продавниците на кинеската компанија SZ DJI Technology. Покрај тоа, кинески делови се применуваат во беспилотните летала од домашно, украинско производство, коешто расте со огромна брзина. Тоа се стотици илјади мали дронови способни да носат експлозив. Исто така се прават големи дронови што можат да нападнат длабоко во тилот на непријателската територија и да ги стигнат руските бродови во Црното Море.
Весникот дознава дека вооружените сили на Украина на линијата на фронтот користат околу 10.000 дронови. Од DJI изјавиле дека вршат напори за ограничување на примената на нивните производи во воени цели, но дека не можат да го контролираат нивното послепродажно користење.
Во САД, производите на DJI се забранети за воена примена, како и во принцип кинеските делови вградени во американски дронови, и тоа е една од причините зошто американските дронови се многу поскапи. Иако САД ја снабдуваат Украина, многу американски комерцијални дронови чинат десетици илјади долари повеќе од кинеските модели. Во Украина се спремни да ги тестираат и користат американските дронови, но „ние секако бараме и поекономични решенија“, изјави Георги Дубински, заменик министер за дигитална трансфорамција.
Покрај тоа, секоја обновена програмска верзија за дроновите бара одобрување од Пентагон. Но ситуацијата на фронтот се менува брзо и програмерите и инженерите треба постојано да внесуваат корекции во своите модели.
– Тоа што лета денеска нема да може да лета утре. Треба брзо да се адаптираме. Иновацискиот циклус во оваа војна е многу краток – изјави Дубински.
Во САД пак, неколку стотина стартапи се ангажирани во развој на помали дронови, а некои од нив се подржани од Пентагон. Но се виде дека апаратите наменети за комерцијална употреба (за што пред сѐ произведуваат овие стартапи) е тешко да се пренаменат во воени цели. Како резултат на ова, САД немаат значајно присуство во првата во историјата војна на беспилотници.
Затоа во игра од неодамна се вклучиле и крупните технолошки компании како Palantir и Microsoft, неколку милијардери, но и стартапи и претприемачи од Северна Америка, Европа и Австралија, пишува весникот „Вашингтон пост“.