Во клучна фаза од разговори влегоа денеска САД и Русија за завршување на војната во Украина. Средбата помеѓу американскиот претседател Доланд Трамп и рускиот шеф на државата, Владимир Путин почна во воена база во Енкориџ со мало задоцнување во 21:30 часот по средноевропско време.
Тоа е првата средба меѓу Трамп и Путин по шест години.
Иако претходно беше потврдено дека двајцата лидери ќе се сретнат „еден-на-еден“, само во придружба на преведувач, Белата куќа непосредно пред почетокот објави дека Марко Рубио и Стив Виткоф ќе бидат на американската страна од масата, заедно со Трамп, а Јуриј Ушаков и Сергеј Лавров на руската страна.
Два авиони Ф-35 Лајтнинг II го придружуваа Иљушин Ил-96-300PU (каде беше Путин) до заедничката база Елмендорф-Ричардсон во Енкориџ.
Средбата доаѓа по месеци ескалација и промени во реториката, главно на Трамп, дека би можел да ја одреди идната насока на безбедносната архитектура на Европа, но и да го отвори патот за договор што би вклучувал територијални отстапки – сценарио што предизвикува загриженост во Киев и меѓу западните сојузници, јавија британските медиуми.
Неименуван европски функционер денеска изјави дека го смета за „олеснување“ тоа што претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, не разговараат еден на еден во Алјаска.
САД ја избраа фразата „Во потрага по мир“ како слоган за средбата меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска, според руските медиуми.
Натписот „Во потрага по мир“ (Pursuing Peace) е поставен на транспарент на местото каде што Путин и Трамп ќе одржат разговори.
Сепак, претставници на американските и на руските медиуми ќе седат одвоено во салата.
– Денеска станува збор за создавање услови. Ќе имаме уште еден состанок многу наскоро ако се оди добро. Во спротивно, нема да имаме повеќе состаноци, можеби никогаш – изјави Трамп за медиумите во авионот за Енкориџ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој беше исклучен од разговорот, предупреди дека одлуки донесени без негово присуство би биле бесмислени.
Тој денеска рече дека е важно руско-американскиот самит во Алјаска да го отвори патот за „праведен мир“, како и за целни трилатерални разговори меѓу лидерите на Украина, Русија и САД во иднина.
– Време е да се стави крај на војната, а Русија мора да ги преземе потребните чекори. Сметаме на Америка – напиша Зеленски на Телеграм.
Поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон денеска изјави дека би го номинирала американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир доколку тој ја прекине војната во Украина.
– Ако може да ја прекине руската војна без да ја доведе Украина во позиција да мора да отстапи своја територија на агресор. Тој не се среќава со пријател. Тој се среќава со противник, и тоа со противник кој сака да види уништување на САД и западниот сојуз – рече Клинтон.