Во Србија денеска се одржуваат локални избори во 89 градови и општини, се гласа и на повторените избори за собранието на град Белград, како и во Нови Сад, Ниш, Чачак, Ваљево и повеќето општини во Војводина. Граѓаните ќе можат да гласаат на избирачките места кои се отвораат во 7:00 часот, а затвораат во 20:00 часот, јави МИА од Белград.
Овие избори се значајни бидејќи резултатите ќе ја одредат идната политичка насока на главниот град на Србија, кој е клучен политички и економски центар на земјата.
Изборите се важни и поради бројните нерегуларности при претходните избори во декември 2023 година и неуспехот на партите согласно изборните резултати да формираат власт и да изберат нов градоначлник на Белград. По обвинувањата за купување гласови (босански автобуси) и злоупотреба на јавни ресурси и протестите, опозицијата бараше промени во законот за локални избори за да се обезбеди праведност и транспарентност на изборниот процес. По разговорите со власта, согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, и по консултациите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ изборите за Белград се повторуваат и се одржуваат на ист датум со локалните избори на 2 јуни. Уследија и измени на избирачките списоци, и согласно измените на Законот за единствениот избирачки список, усвоени во Собранието на Србија, гласачите кои го промениле местото на живеење по 3 јули 2023 година нема да можат да гласаат на својата нова адреса на локалните и белградски избори.
Во екот на овие преговори меѓу власта и опозицицијата, дојде до разидување во редовите на опозицската коалиција „Србија против наслиството“ (СПН), по што изборите за град Белград ќе ги бојкотираат Партијата за слобода и правда (ССП), Нов ДСС (НАДА), Срце и Заедно, додека на локално ниво тие ќе настапат согласно одлуките за коалицирање на локалните одбори на овие партии со останатите од СПН, што ќе влијае на гласачите да потешко донесат одлука кого ќе поддржат на изборите.
Граѓаните на Белград или 1.602.112 запишани гласачи ќе избираат 110 советници на градското собрание, а ќе бираат и советници во сите 17 белградски општини.
Владеачките партии СНС и СПС на Ивица Дачиќ ќе настапат со една изборна листа во Белград, како и во повеќето други градови, во коалицијата „Александар Вучиќ – Белград утре“ која ја сочунуваат вкупно 13 политички партии.
Опозициските партии од поранешната коалиција „Србија против насилството“ кои нема да ги бојкотират изборите-Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го давиме Белград, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Еколошкото востание и Новото лице на Србија одат во коалиција со изборната листа „Го избираме Белград–Добрица Веселиновиќ–Милош Павловиќ“.