ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ ОД ЕДЕН ПОИНАКОВ АГОЛ: НАВРЕДЛИВИ СКАНДИРАЊА, НЕПРИМЕРНИ ГЕСТОВИ И НЕТРПЕЛИВОСТ НА РАСНА И НАЦИОНАЛНА ОСНОВА
За време на Европското првенство (ЕП) во фудбал што се одржува во Германија, во времетраење од еден месец, многу често во голем дел од светската, а пред сѐ европската, не само спортска јавност, за жал, се не само забележани туку и потенцирани неколку позначајни инциденти (непримерни гестови, повици и нескриени антисемитистички, расистички и шовинистички пораки, скандирања…), кои се случија главно на стадионите, иако инциденти имаше и надвор од нив. Гореспоменатите појави треба да бидат истражени и апсолутно санкционирани, бидејќи недозволен и неприфатлив е секој облик на комуникација што може да предизвика (промовира) насилство или дискриминаторен облик кон поединец, група, нација, етникум…
Живко Здравковски
Национализмот стана битен причинител на проблемите на таканаречениот спортски хулиганизам, особено на фудбалскиот. Тоа е облик на насилство во спортот чии актери се, во најголем број, (не)вообичаено агресивни (според начините на нивната вербална и/или физичка комуникација) хулигани. Овој вид на насилство има исклучително изразени карактеристики и често може да се воочи дека тоа е еден од главните облици на насилство што се појавуваат на меѓународната спортска сцена. За време на Европското првенство (ЕП) во фудбал што се одржува во Германија, во времетраење од еден месец, многу често, во голем дел од светската, а пред сѐ европската, не само спортска јавност, за жал, се не само забележани туку и потенцирани неколку позначајни инциденти (непримерни гестови, повици и нескриени антисемитистички, расистички и шовинистички пораки, скандирања…), кои се случија главно на стадионите, иако инциденти имаше и надвор од нив.
Медиумите наместо да ги осудат и наедно да ги игнорираат овие постапки, тие ги промовираат и рециклираат…
Гореспоменатите појави треба да бидат истражени и апсолутно санкционирани, бидејќи недозволен и неприфатлив е секој облик на комуникација што може да предизвика (промовира) насилство или дискриминаторен облик кон поединец, група, нација, етникум… За жал, од страна на голем дел мас-медиуми, особено највлијателните, кои се можеби водени, како од максимата дека јавноста обрнува внимание повеќе на негативните појави отколку на убавите моменти (исполнетите стадиони, прекрасните кореографии, натпреварите, головите, победите, спортското витештво, бодрењето на своите миленици, пеењето химни, сплотеноста, радоста…), така можеби и од комерцијален аспект, им се придава преголема важност на овие непосакувани настани. Со тоа се претпоставува дека, несвесно, наместо да се маргинализираат инцидентите односно постапките на учесниците во нив (без разлика дали учесници се некои спортисти – фудбалери или дел од навивачите), се придонесува кон дополнителна промоција (пропагирање) на овие огромни општествени, не само спортски, аномалии низ светот.
„Сивиот волк“ му донесе суспензија на херојот на голема турска победа
Европската фудбалска унија (УЕФА) веќе изрече и повеќе парични казни за некои фудбалски федерации од земјите учеснички на ЕП 2024. Европската куќа на фудбалот со децении е препознатлива по нејзиниот голем, системски, придонес во превенција и нетолеранција на сѐ што може да промовира насилство во фудбалот. Нејзината улога честопати е и неблагодарна, бидејќи, помеѓу другото, она што за едни, на пример, „промоторот“ или „промотерите“ на неприфатливата (политичка) порака – гестикулација или скандирање, е само израз на неговата (нивна) потврда на (нивниот) националниот идентитет во нивната земја, за други може да претставува симбол за навредлив, дискриминаторски, насилен, понекогаш и националистички однос. Затоа, често сме сведоци и на обвинувања за практикувања на „двојни стандарди“, како во толкувањето, коментирањето, на (не)прифатливоста на таквите појави, па и на (не)казнивоста на нивните учесници – засегнати страни, од типот „она што мене (нам) (не) ни е дозволено, (не) му (им) е дозволено на друг(ите)“, за жал, често зависно и од тоа од која земја е сторителот.
Така, УЕФА поведе постапка против турскиот репрезентативец Мерих Демирал, кој славеше во дресот на турската репрезентација на натпреварот против Австрија во осминафиналето на ЕП 2024. За многумина Демирал беше главен херој на големата победа од 2-1, постигнувајќи два прекрасни гола (претходно во целата репрезентативна кариера тој постигна вкупно два гола) по корнерите што ги изведе младата ѕвезда на репрезентацијата Арда Ѓулер. Овој извонреден меч одигран под исклучително тешки временски услови и на самиот терен и постојан мошне силен, во многу моменти и пороен, дожд, го обележа токму Демирал, како и неговите два соиграчи – голманот Мерт Ѓунок, кој во самиот финиш фантастично одбрани неколку зицери, и извонредниот офанзивец, тинејџерот Ѓулер, кој е член на најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид. Прекрасен беше вториот гол на Демирал, плод на неговата доминантна игра со глава. Демирал славеше со гестикулација, Демирал славеше со гестикулација, со прстите на неговите раце, за која дел од јавноста протолкува и обвини дека е блиска или поврзана со група што е окарактеризирана дека има крајно десничарски, а според некои можеби и екстремистички ставови. Но, ниту таа организација ниту поздравот што го покажа Демирал не се забранети во Германија. Според тоа, не постои кривично дело извршено од Демирал.
Во текст на порталот на еминентната агенција „Анадолу“ се наведува дека Министерството за надворешни работи (МНР) на Турција ја осуди одлуката на УЕФА за поведување дисциплинска истрага против Демирал. Во соопштението, Министерството ги опиша постапките на УЕФА како „неприфатливи, при што се додава дека „знакот ‘сив волк’ не мора нужно да се поврзе со десничарскиот екстремизам, а истиот тој не е забранет симбол во Германија“.
– Ги осудуваме политички мотивираните реакции за употребата на историски и културен симбол како дел од прославата на целта на начин што не е насочен кон никого – пренесува агенцијата „Анадолу“ навод од извештајот на турското МНР.
Затоа, пак, во Австрија, на пример, тој поздрав е забранет. УЕФА постојано ги санкционира политичките симболи што често се сметаат за „несоодветни за спортски настан“. Демирал, кој подоцна и на платформата Икс ја реобјави фотографијата со спорниот поздрав, во меѓувреме доби суспензија од два натпревара од дисциплинското тело на УЕФА и ќе го пропушти вечерашното четврт-финале на ЕП против Холандија, како и полуфиналето во случај на понатамошен пласман на неговата репрезентација.
– Начинот на кој славев има врска со мојот турски идентитет – рече Демирал, кој беше избран за играч на натпреварот откако постигна два гола. – Затоа го направив тој гест. Видов и луѓе на стадионот како го прават тој гест. Зад тој гест нема скриена порака. Сите сме Турци, јас сум многу горд што сум Турчин и тоа е значењето на овој гест. Сакав само да покажам колку сум среќен и колку сум горд – ја пренесува „Дојче веле“ на англиски јазик изјавата на Демирал, кој уште изразува надеж „дека ќе има уште можности да го покажува истиот гест. Вечерва, од 21 часот во Берлин, во четврт-финалето, Турција ќе игра против фаворитот Холандија, во меч на репрезентации што досега покажаа многу на овој континентален собир на најдобрите.
Во дел од медиумите беше забележано дека и австриските навивачи пред нокаут-натпреварот против Турција извикувале десничарски екстремистички пароли. На една швајцарска телевизија можело да се види како навивачите на австрискиот тим скандираат десничарска екстремистичка парола. Полицијата во Лајпциг започнала истрага за паролите. Расистичкиот слоган е познат во Германија, а имаше и многу други инциденти. Затоа песната беше забранета на некои фолк-фестивали, а не е дозволена ниту на ЕП 2024. Фудбалската федерација на Австрија бараше песната да се свири на стадионите во Германија по победите на Австрија на ЕП, но УЕФА го одби тоа. За време на групната фаза имаше неколку инциденти што вклучуваат десничарски екстремизам или национализам. Австриските навивачи, на пример, истакнаа транспарент на кој пишуваше „Одбрани ја Европа“ – слоган на десничарските екстремисти што се залагаат за радикална промена во миграциската политика. И по мечевите на репрезентацијата на Германија, полицијата пријави десничарски екстремистички инциденти во неколку германски града.
Разгорувањето на балканските тензии предизвика главоболки и за УЕФА
Релативно неодамнешните војни на дел од просторите на поранешна СФР Југославија несомнено имаа ефект и придонесоа за предизвикување инциденти меѓу навивачите. Тие конфликти, во комбинација со фактот дека Германија може да се пофали со една од најголемите балкански заедници на дијаспората во Европа – кои имаат тенденција да бидат уште поискрени во својот националистички жар, се покажаа како плодна почва за појави поради кои многумина се загрижени.
Некои од навивачите ги почнаа или продолжија своите, понекогаш, страсни, повремено и национални, не ретко и меѓусебни, ривалства на ЕП во Германија.
Угледниот портал „Политико“ напиша дека се случија некои грди сцени што предизвикуваат главоболки кај организаторите на турнирот.
Кон УЕФА беа адресирани поплаки и од дел од фудбалските сојузи на земји од Балканот, откако против нивниот идентитет, нација или претставници беа насочени навредливи транспаренти и непримерни навредливи скандирања, не само на трибините туку и надвор од стадионите, па дури и на теренот. Лузните од релативно неодамнешните меѓунационални судири и длабоката недоверба меѓу некои од соседите предизвикаа влошување на водечкиот континентален фудбалски турнир. Балканот, со својата цврсто набиена мешавина на различни нации и етнички групи, често е поле на судир на некои националисти, а некои од овие групи ги пренесоа своите груби зборови и навреди за време на одржувањето на турниров во Германија.
Албанската фудбалска федерација соопшти дека УЕФА му изрече суспензија од два меча на албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку откако тој ги наведе навивачите на навредливи скандирања упатени кон Македонија и кон Србија по мечот со Хрватска (2-2) на ЕП 2024. Даку, кој е роден во Косово, по завршувањето на натпреварот од второто коло во групата Б меѓу Албанија и Хрватска се упати кон трибините на стадионот во Хамбург и преку мегафон ги навредуваше Македонците и македонската држава, како и Србија, а потоа ги повика и навивачите на албанската репрезентација да му се приклучат.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) претходно ги осуди постапките на Даку и побара „релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти“. Албанската федерација, исто така, соопшти дека УЕФА изрекла казни во вкупна вредност од 47.250 евра за инцидентите на натпреварот, кога албанските и хрватските навивачи извикуваа антисрпски пароли. Даку во меѓувреме упати извинување преку Фејсбук. А рускиот клуб Рубин Казан, за кој настапува тој, исто така најави казна за својот фудбалер. Досега УЕФА ги казни и албанската и српската федерација парично по нивните воведни натпревари во групната фаза поради тоа што навивачи истакнаа знамиња со мапи што задираат во туѓи државни граници и транспаренти со „провокативни пораки несоодветни за спортски амбиент“.
Вознемирувачкото однесување на дел од балканските навивачи ги отсликува и тензичните политички односи меѓу дел од тие земји, познати по историјат на длабоко вкоренети непријателства, оружени судири, нерешени билатерални спорови… На ЕП тие регионални тензии видливо се разгореа.
– Стадионот е неверојатен мултипликатор на веќе постојните чувства и овие игри не се случуваат во вакуум бидејќи луѓето секојдневно следат што се случува меѓу нивните земји. Тоа е генератор на голема национална гордост и во таа смисла ги покрива недостатоците или разочарувањата што луѓето ги доживуваат во другите сфери на животот – ја пренесува електронскиот медиум „Дојче веле“ на англиски јазик изјавата на Дарио Брентин, социјален научник од Универзитетот во австрискиот град Грац и експерт за балканска фудбалска култура.
УЕФА, на текст на нејзината веб-страница, на 29 јуни, објави дека во текот на групната, првата, фаза од натпреварите повеќе од три милиони и 300 илјади луѓе ги посетиле официјалните УЕФА навивачки зони во десет германски града домаќини на ЕП 2024. Неофицијално, се претпоставува дека од почетокот на ЕП, низ Германија, на јавните настани, не само на натпреварите и во навивачките зони туку и по градовите има милиони навивачи, пред сѐ од 24-те земји учеснички, но и вљубеници од други земји во, за многумина најважната, не само споредна, работа – неговото величество фудбалот. Воопшто не е мал бројот на симпатизери, навивачи, на некоја репрезентација што доаѓаат од редовите на земји што не се пласираа на завршницата на ЕП. Голем број навивачи и симпатизери специјално допатуваа и престојуваат во Германија за да го следат турнирот, а огромен е и бројот на навивачи, на одделни репрезентации што се учеснички на ЕП 2024, кои живеат (престојуваат) во Германија. Меѓу тие милиони навивачи имаше и стотици илјади фудбалски навивачи од многу балкански држави, било навивачи од земјите учеснички на ЕП, било поддржувачи на тие балкански репрезентации што се од други земји на Балканот и Стариот Континент.