Бунтовниците заземаа контрола врз делови од Алепо / Фото: ЕПА

Ситуацијата во Сирија беше релативно мирна наспроти избувнувањето на конфликтите на Блискиот Исток по нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година. Но тоа се промени кон крајот на минатата недела со известувањето дека Хајат Тахрир ал-Шам, отцепена фракција на Ал каеда, организира ненадејна офанзива врз Алепо. Тие го освоија вториот најголем град во Сирија, Алепо, а стигнаа информации дека се упатуваат кон градот Хама, додека целат и на освојување на главниот град Дамаск. Обновувањето на конфликтот во Сирија се заканува да ги вовлече во судирот Турција, Русија, Иран и САД, според известувањето на светските медиуми

По офанзивата на милитантите блиски до сириската опозиција

Сириските опозициски (вооружени) сили остварија ненадеен напредок во северниот дел на земјата во последниве денови, преземајќи ја контролата врз голем дел од економскиот центар Алепо, со што ја соочија власта на сирискиот претседателот Башар ал Асад со значителен предизвик, кој би можел да опфати вклучување повеќе регионални и светски сили во обновениот конфликт по четиригодишниот ќор-сокак настанат со стивнување на граѓанската војна.
Ситуацијата во Сирија, која граничи со Израел, Либан, Турција, Ирак и Јордан, беше релативно мирна наспроти избувнувањето на конфликтите на Блискиот Исток по нападот на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година. Но тоа се промени кон крајот на минатата недела со известувањето дека Хајат Тахрир ал-Шам, отцепена фракција на Ал каеда, организира ненадејна офанзива врз Алепо. Тие го освоија вториот најголем град во Сирија, Алепо, а стигнаа информации дека се упатуваат кон градот Хама, додека целат и на освојување на главниот град Дамаск. Бунтовниците лојални на сириската опозиција исто така го зазеле Тал Рифат, кој се наоѓа северно од Алепо, како удар врз курдските сили сојузници на САД, кои имаат контрола врз градот, според турската агенција „Анадолу“.

Асад смета на традиционалните сојузници

Ненадејната ескалација во Сирија следува откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги објави плановите за создавање безбедна зона по должината на границата со Сирија и истиснување на курдските сили, известува „Блумберг“. Турција важи за клучен играч затоа што ја има најголемата војска во НАТО по Американците и затоа што ја смета нејзината борба против курдските сепаратисти како егзистенцијална. Од друга страна, САД, кои имаат сили во североисточна Сирија, ги гледаат курдските групи како критични за поразување и спречување на обновувањето на Исламската држава во Сирија. Турција му предложи на Вашингтон нејзината армија да ја преземе борбата против Исламската држава во Сирија доколку САД ги повлечат своите војници и ја прекинат воената поддршка за Курдите, велат познавачите на дискусиите. САД сè уште не одговориле на турскиот предлог.
Се проценува дека Асад ќе смета на поддршката од Москва и Техеран, кои важат за сојузници на сириската власт, но нивните капацитети за давање помош се доведуваат во прашање поради опфатеноста на Русија во војната во Украина, како и влијанието на конфликтите во Појасот Газа и Либан врз Иран.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата имаше телефонски разговори со својот турски колега Хакан Фидан, на кои тие „се согласија за потребата од координирање на заедничките напори насочени кон стабилизирање на ситуацијата во Сирија“, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Русија му се придружи на Иран во изразувањето „екстремна загриженост“ за уништувањето на милитантите врз владините сили и ја истакна „силната поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Сириската Арапска Република“. Асад, пак, ја нагласи „важноста од поддршката на сојузниците и пријателите во соочувањето со терористичките напади поддржани од странство“. А САД сметаат дека одбивањето на Сирија да го спроведе мировниот процес нареден од Советот за безбедност на Обединетите нации во 2015 година е причина за актуелниот развој на ситуацијата. Во заедничката изјава, САД, Франција, Германија и Велика Британија повикаа на „деескалација од сите страни и заштита на цивилите и инфраструктурата, за да се спречат понатамошното раселување и нарушување на хуманитарниот пристап“. Р.С.


Кои се бунтовничките борци на Хајат Тахрир ал-Шам?

Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), со седиште во сириската провинција Идлиб, ја предводи офанзивата со констелација од помали бунтовнички фракции. Меѓу нив е и Сириската национална армија (СНА), која вклучува борци што ѝ припаѓаат на првата бунтовничка група – Слободната сириска армија.
ХТС и СНА се судрија во минатото, но и двете групи сакаат да ја соборат владата на Асад. За ХТС, целта е да воспостави исламска власт во Сирија, иако во последните денови објави изјави во кои вели дека ќе ги заштити културните и верските места во Алепо, вклучувајќи ги и црквите.
Стејт департментот на САД ја прогласи ХТС за странска терористичка организација. Групата е наследник на некогашниот разгранок на Ал каеда, Џебхат ал Нусра. Таа повеќе не е поврзана со Ал каеда и претставува полокализирана фракција на исламистички борци. Групата го контролира преминот Баб ал-Хава со Турција и ѝ обезбедува воена поддршка на т.н. сириска влада за спас, де факто администрација на опозицијата во северозападна Сирија.


Сириската армија се бори против бунтовниците, изведени воздушни напади врз северозападот

Десетици лица наводно загинале во северозападна Сирија во воздушни напади извршени од сириската влада со поддршка на Русија, соопшти вчера спасувачката служба на сириската опозиција позната како Бели шлемови, а пренесе „Ројтерс“, без можност да ги потврди наводите. Руски и сириски авиони завчера го нападнаа градот Идлиб во северна Сирија, кој е под контрола на бунтовниците, соопштија воени извори, додека претседателот Башар ал Асад вети дека ќе ги уништи бунтовниците што навлегоа во Алепо. Сириската армија исто така извести дека повторно освоила неколку града што бунтовниците ги презеле во последните денови. Р.С.