Фото: Пиксабеј/IИлустрација

Во дискотеката „Кис клаб“ во германскиот град Кел, во покраината Баден-Виртемберг, во текот на изминатата ноќ избувна пожар кој ја зафати целата зграда, во момент кога во неа имало околу 750 лица, соопшти локалната полиција.

-Пожарот, кој избувна во клубот околу 3:45 часот наутро, се прошири на целата зграда. Според првичните информации на операторот, во моментот кога избувнал пожарот, во зградата се наоѓале околу 750 луѓе – се наведува во соопштението на полицијата, кое го пренесува „Билд“.

Причината за пожарот сè уште не е позната. Поголемиот дел од присутните на забавата во дискотеката ја напуштиле зградата зафатена од пожар до пристигнувањето на противпожарната служба. Засега нема извештаи за сериозни повреди, а три лица побарале медицинска помош.

„Кис клаб“ е популарна дискотека со хип-хоп и афро-музика во покраината Баден-Виртемберг на југозападот на Германија, а во неа редовно доаѓаат и посетители од блискиот Стразбур во Франција.