Фото: Пиксабеј

Жителите на филипинската престолнина Манила, каде што случаите на треската денга се во пораст, можат да добијат по еден пезос за секои пет комарци што ќе ги предадат, без разлика дали се живи или мртви, пренесе АФП.

Идејата е на Карлито Сернал од селото Адишн Хилс, во близина на Манила. Тој верува дека тоа би можело да има „огромно влијание“ во забавувањето на ширењето на болеста, иако здравствените власти и експертите интервјуирани од АФП остануваат скептични.

Светската здравствена организација (СЗО) ги рангираше Филипините како најпогодена земја од денга во регионот на Западен Пацифик во 2023 година, со регистрирани 167.355 случаи, вклучувајќи 575 смртни случаи. Симптомите на оваа тропска болест се движат од треска и главоболка до отечени лимфни јазли.

Филипините забележаа „невообичаено зголемување“ на бројот на случаи, со 28.200 регистрирани пациенти заклучно со 1 февруари, што е зголемување за 40 отсто во споредба со истиот период минатата година, изјави портпаролот на Министерството за здравство, д-р Алберт Доминго. Досега пет градови и општини прогласија епидемија на болеста.

Според експертот за јавно здравје Ентони Личун, сите иницијативи за борба против денга треската се корисни, но кампањата за плаќање за уловените комарци веројатно нема да има никакво влијание.

Д-р Доминго изјави за АФП дека најдобар начин да се реши проблемот е да се исчисти животната средина и сите области каде што се собира застојана вода. Тој препорачува и употреба на средства за заштита од инсекти.