Марк Руте денеска ја презема функцијата генерален секретар на НАТО, по повеќе од 13 години поминати како холандски премиер. Се проценува дека ќе му бидат потребни сите негови дипломатски вештини за да управува со Алијансата, во време кога е ставена на тест поради соочувањето со повеќе сериозни предизвици
Новиот шеф на НАТО стапува на функцијата во критичен момент
Марк Руте во јули минатата година објави дека поднесува оставка од функцијата премиер на Холандија и оти „се повлекува од политиката“ откако неговата владина коалиција пропадна поради различни ставови за миграциската политика. Меѓутоа, до октомври истата година Руте навидум заборави на своето ветување дека ќе ја напушти политиката, сигнализирајќи го својот интерес да го наследи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој најави дека ќе ја напушти функцијата во септември годинава, по една деценија на чело на Алијансата.
Со месеци Руте водеше дискретна кампања за да ги придобие лидерите на НАТО, од кои повеќето веќе ги познаваше од 13-те години како холандски премиер и од соработката со различни меѓународни тела. Тој беше кандидат фаворизиран од страна на американскиот претседател Џо Бајден, како и од повеќето европски лидери.
Познат по цврстите ставови
Холанѓанецот се смета за политичар со цврсти ставови бидејќи претходно ги отфрли амбициозните реформски планови и идеи на францускиот претседател Емануел Макрон, додека досега имаше коректна соработка со германскиот канцелар Олаф Шолц, а во добри односи е и со премиерката на Италија Џорџа Мелони.
Но мораше да го придобие унгарскиот премиер Виктор Орбан, со кого не е во најдобри односи. Руте мораше да му вети на Орбан дека Унгарија нема да биде обврзана да учествува во активности за поддршка на Украина надвор од територијата на НАТО сѐ додека тој ја предводи Алијансата. Орбан исто така ја отфрли можноста за испорака на оружје за Украина. Руте и американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп исто така развија позитивни односи за време на мандатот на Трамп како претседател на САД. Но Руте исто така жестоко се спротивстави на протекционистичката економска политика на Трамп. Познатата способност на Холанѓанецот да ги преброди политичките предизвици му го донесе прекарот Тефлон-Руте.
Создавањето консензус најголем предизвик
Руте е искусен во управувањето со коалициите во Холандија, но сега има 32 „различни страни“ што треба да постигнат консензус потребен за сите одлуки на НАТО.
Поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, која има најдолг стаж во таа улога, верува дека ова ќе биде најголемиот предизвик за Руте.
– Генералниот секретар на НАТО треба да биде не само секретар туку и генерал, во политичка смисла се разбира. Тој мора да го покаже политичкото лидерство потребно за да се поттикне Алијансата, бидејќи постигнувањето консензус може да потрае. Може да биде неуредно, може да биде фрустрирачко, но важно е да се покажат политичка насока и напредок – изјави Лунгеску за „Дојче веле“.
Таа нагласува дека долгогодишното искуство на Руте во холандската политика и одржувањето на тамошните владини коалиции ќе му послужи понатаму.
Штедливиот Холанѓанец треба да ја полни касата на НАТО
Една деценија откако НАТО постави цел сојузниците да потрошат два отсто од својот бруто-домашен производ за одбрана, само 23 членки ја достигнаа таа граница годинава.
Во прошталниот говор месецов досегашниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека е очигледно оти сојузниците на НАТО треба да потрошат „значително повеќе од два отсто“ доколку сакаат да ги исполнат плановите за трошоците за одбраната.
Новиот шеф на НАТО, Руте, ќе мора да ги контролира оние што не ги исполнуваат обврските и да се погрижи другите да продолжат со вложување во одбрана. Згора, веќе има повици за Алијансата значително да ги зголеми трошоците над сегашниот праг од два процента.
Самата холандска армија, сепак, беше недоволно финансирана во текот на годините на власт на штедливиот Холанѓанец. Годинава ќе биде првпат Холандија да потроши два отсто од својот БДП за одбрана, во согласност со целите за трошење на НАТО.
Балансирање на украинските очекувања наспроти претпазливоста на сојузниците
Марк Руте важи за цврст поддржувач на Украина и ја надгледуваше испораката на оружје во Киев, вклучувајќи холандски хаубици и борбени авиони Ф-16. Земјите на НАТО предводени од САД обезбедија 99 отсто од странската воена помош за Украина. Алијансата на својот самит во Вашингтон во јули презеде поголема улога во координирањето на испораката на оружје, но не успеа да ги заклучи долгорочните обврски за поддршка.
Лидерите на НАТО во Вашингтон ветија „минимално финансирање“ за Украина за следната година од 40 милијарди евра и „неповратен пат“ кон членството во НАТО. Новиот генерален секретар ќе мора да управува и со надежите за членство на Украина и со парите на следниот самит во Хаг во јуни в година.
Се смета дека Руте ќе има клучна улога во собирањето на поддржувачите на Киев за да се осигури дека Украина ќе продолжи да добива поддршка. Балансирањето на очекувањата од Украина наспроти претпазливоста на водечките сојузници од НАТО ќе биде главна задача на новиот шеф на Алијансата. Р.С.