Претседателскиот кабинет на Казахстан денеска соопшти дека околу 5.800 луѓе се приведени од полицијата за време на протестите кои изминатата недела преминаа во насилство во кое загинаа над 160 луѓе. Според соопштението од кабинетот на претседателот Касим-Жомарт Токаев, редот во земјата е стабилизиран, а властите ја вратиле контролата врз административните згради кои беа окупирани од демонстрантите, а некои беа и запалени, јави руската ТВ станица Мир-24.
Според телевизијата, денеска се слушнале спорадични пукотници во Алма Ата, најголемиот град во земјата, но не е јасно дали тие биле предупредувачки истрели од органите на редот или нови судири, откако Токаев во петокот рече дека ги овластил полицијата и војската да пукаат без предупредување, за да се воспостави ред. Во соопштението од претседателскиот кабинет се вели дека меѓу притворените има „значителен број странски државјани“, но не се соопштуваат детали.
Протестите почнаа на 2. јануари во повеќе градови во Казахстан, главно поради наглото зголемување на цените на горивото. Според Токаев, чија политичка партија е на власт од 1991 година, „демонстрациите ги предизвикале терористи со странска поддршка“.