Alice Weidel
Фото: ЕПА

Европа се наоѓа на историски крстопат. Над континентот се надвиснуваат сериозни предизвици, војни и насилство, ограничување на слободите, економско осиромашување и политики што го поткопуваат просперитетот. Овие закани директно ги допираат темелите на европската култура, вредности и начин на живот. Во Брисел, според неа, постои уверување дека трпението на европските народи е неограничено, но таа смета дека тоа е погрешна проценка, иатакна Алис Вајдел, од Алтернатива за Германија (АФД) на големата десничарска конференција CPAC (Conservative Political Action Conferencе) која секоја година се одржува во Будимпешта.

Во својот говор, Вајдел истакнува дека европската цивилизација почива на три основи: грчката филозофија, римската државност и христијанската традиција. Од овие корени произлегуваат вредности како слободата на мислата и говорот, правата на граѓаните, националното самоопределување, заштитата на семејството, приватната сопственост и слободниот пазар како двигател на напредокот, пренесе МИА.

Таа нагласува дека овие вредности не се само апстрактни идеи, туку основа што ги обединува народите, а националната држава ја гледа како најсигурна рамка во која тие можат да се развиваат.

Осврнувајќи се на историјата, таа потсетува на востанијата против комунизмот во 1953 година во Источна Германија и во 1956 година во Унгарија, како и на падот на комунистичките режими во 1989 година, нагласувајќи ја улогата на источна Европа во борбата за слобода.

Според неа, денес заканите за слободата доаѓаат одвнатре, од политички и институционални елити во Европа. Таа ги обвинува за поттикнување масовна миграција, што, според неа, создава безбедносни и социјални проблеми, како и за спроведување политики што ја загрозуваат културната и националната самобитност.

Во делот за економијата и климатските политики, таа тврди дека се создава атмосфера на страв околу климатските промени со цел да се оправдаат мерки што ја ослабуваат индустријата и ја намалуваат енергетската сигурност, што води кон економско осиромашување.

Таа исто така изразува критика кон општествените промени поврзани со родовите прашања, сметајќи дека тие создаваат конфузија и го поткопуваат традиционалното семејство.

Дополнително, таа ја критикуваше поддршката за Украина, оценувајќи ја како финансиски товар и како вмешување во конфликт, што не ги одразува интересите на европските народи.

Во однос на слободата на говор, таа тврди дека постои притисок врз оние што се критични кон официјалните политики, под изговор на борба против дезинформации, како и дека има обиди за влијание врз демократските процеси.

На крајот, таа истакнува дека растечката поддршка за партии со слични ставови, како и за одредени политички лидери, е знак дека незадоволството кај граѓаните расте. Според неа, ќе биде неопходна нова борба за слобода и самоопределување, со иста решителност како во минатото.