Фото: ЕПА

Во главниот град на Србија денеска попладне (16 часот) се очекува да почне голем протест предводен од судентите во блокада, што се смета за кулминација на трииполмесечните демонстрации поради загинувањето на 15 лица при уривање на реконструирана настрешница на железничката станица во Нови Сад.

Протестот првично беше планиран да се одржи пред Народното собрание во Белград. Но, студентите ја сменија локацијата и тој ќе се одржи на плоштадот Славија.
Како што соопштија студентите на ЕТФ во блокадата, се решиле на овој чекор за да спречат евентуално насилство. Учениците кои синоќа од разни правци во Белград пристигнаа со велосипеди, пеш или со јавен превоз беа пречекани од бројни граѓани на Теразије. Се проценува дека имало околу 31.000 граѓани.

Студентите бараат политичка и правна одговорност за несреќата во Нови Сад. Протестот во Белград доаѓа по масовните собири организирани од студентите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Владата и српскиот претседател Александар Вучиќ тврдат дека барањата на студентите се исполнети. Студентите и академската заедница го отфрлаат тоа.

Граѓани на Белград до доцна синоќа беа на улиците во центарот на градот каде ги пречекуваа илјадниците студенти кои се собраат во Белград за митингот планиран денеска и кој како што велат студентите во блокада – ќе биде најголемиот во историјата на Србија, јави МИА од Белград.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со недели упатува пораки да се зачува мирот во државата со цел да ги одврати луѓето да присуствуваат на денешниот протест.
Тој постојано предупредува дека на митингот се планира насилство и се закани со апсење поради какви било инциденти. Поддржувачите на Вучиќ кампуваат во центарот на градот, поттикнувајќи ги стравувањата од судири со демонстрантите.
На прес-конференција синоќа Вучиќ повторно рече дека властите добиле повеќе извештаи за наводни планирани немири и го опиша саботниот собир како „незаконски“.
Тој ги повтори тврдењата дека западни разузнавачки служби стојат зад протестите со цел да го соборат од власт.

-Не прифаќам уцени, нема да се согласам на притисок, јас сум претседател на Србија и нема да дозволам улицата да ги поставува правилата – рече Вучиќ.
-Српската држава ќе направи се за да обезбеди мир. Оние кои го нарушуваат мирот ќе бидат приведени и строго казнети…Не планирам да воведам вонредна состојба.

Вучиќ, кој доминира во српската политика откако стана премиер во 2014 година, а потоа и претседател во 2017 година, нагласи дека демонстрантите никогаш нема да го принудат да се повлече.

Студентите во блокада порачаа дека најостро го осудуваат секој облик на насилство и дека целта на денешниот протест не е да се упадне во ниту една институција или да се нападнат неистомисленици. Тие нагласија дека нема да дозволат нивните протести да бидат обележани со инциденти, „туку исклучиво од нашата решителност и заедничка визија за подобро општество“.

„Вучиќ мобилизираше криминалци, насилници и членови на Црвени беретки, донесе луѓе од Косово и ги стационираше во Пионирски парк иако знае дека стотици илјади ќе се соберат таму в сабота“, напиша Драган Ѓилас, лидерот на опозициската Партија на слобода и правда правда, на Х.

Студентите го предводат националното движење против корупцијата што почна откако бетонска настрешница се урна на железничка станица во Нови Сад кога загинаа 15 луѓе пред повеќе од четири месеци. Оттогаш – речиси секој ден има протести на студентите низ државата.
Демонстрантите бараат одговорност за катастрофата во Нови Сад, како и транспарентни институции, засновани на владеење на правото.
Повеќе од десетина лица се обвинети во врска со смртоносното уривање на настрешницата.
Тогашниот премиер, Милош Вучевиќ, поранешен градоначалник на Нови Сад кога започна реновирањето на станицата, поднесе оставка во јануари.

Вучиќ ја отфрли можноста за формирање преодна влада и одржување избори за шест месеци

Полицијата уапси шестмина опозициски активисти под сомнение дека „подготвуваат акции против уставниот поредок и безбедноста“ еден ден откако наводна снимка од нивната средба беше емитувана на провладините телевизиски станици во четвртокот.

Претходните собири предводени од студентите во други српски градови беа мирни.

Во Белград, тензиите се зголемија откако поддржувачите на Вучиќ, вклучително и поранешните паравоени борци, поставија камп во паркот пред зградата на претседателството. Во петокот околу кампот беа паркирани трактори и распоредени голем број полицајци со опрема за разбивање протести.
Властите соопштија дека зградата на парламентот од спроти Андриќев венац (зградата на претседателот) ќе биде затворена во следните три дена поради безбедносни причини. Железничкиот сообраќај е прекинат. Од синоќа прекинаа со превоз на патници голем број компании кон и од Белград.

Мисијата на Европската унија во Србија соопшти дека „слободата на собирање е основно право“ и дека безбедноста на учесниците и институциите мора да се зачува.

Локалните медиуми јавија за актвирање забрана на полицијата да пушти во Србија неколкуминановинари од Хрватска и од Словенија. Засега нема официјално образложение за потезите на српската полиција.
„Одговорот на Србија на овие протести ќе биде одлучувачки тест за нејзината посветеност на стандардите на ЕУ“, напиша оваа недела меѓупартиска група членови на Европскиот парламент во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека за време на „непријавен собир“ на граѓани во петокот вечерта на повик на студенти во Белград, имало неколку инциденти кои „главно биле насочени“ кон учесниците на вториот собир „Студенти 2.0“ во Пионирски парк.
Вишото јавно обвинителство во Белград денеска соопшти дека поднело барање до полицијата за собирање информации и проверка на „точност на информации“ за наводни контакти меѓу Белградскиот универзитет и Воениот синдикат, јави МИА од Белград.
Според аудио снимка објавена од медиуми, „извесна М.В изнела информации дека еден од претставниците на Универзитетот во Белград контактирал со Воениот синдикат и дека – Војската на Србија ќе застане на страната на демонстрантите доколку дојде до немири“.

Српскиот патријарх Порфириј во утринско богослужение во храмот Свети Сава, упати молитви за крај на поделбите меѓу српскиот народ и мир меѓу граѓаните. Тој нагласи дека се плаши дека ќе има насилство на протестот во Белград што денеска го организираат студентите во блокада.
„Се плашам дека меѓу нас ќе има насилство… Денеска сите општествени фактори, но и институциите да се борат против оваа омраза меѓу нас. Мирот треба да биде крајна цел“.